Меѓународниот фактор во Приштина инсистира на тоа дека при одлучувањето за трансформација на Безбедносната сила на Косово (ФСК) во војска, надлежните институции мораат да го почитуваат и гласот на косовските Срби.
Иако се согласни дека трансформацијата на ФСК во Оружени сили на Косово (ФАК) е суверена одлука која им припаѓа на косовските институции, тие инсистираат дека тоа не смее да се направи без промена на Уставот, за што се неопходни гласовите на пратениците Срби, пишува денеска „Коха Диторе“.
Наспроти таквиот став на меѓународниците, официјална Приштина сака трансформацијата на ФСК да ја започне сега и веќе има пакет закони што ќе бидат дадени на усвојување од Владата, а формално да ја заокружи тогаш кога ќе се создаде политички амбент за уставни измени.