Неименувана актерка го тужела за силување францускиот режисер и продуцент Лук Бесон, поради што била отворена истрага, се дознава од судски и извори блиски до истрагата. Бесон го отфрлил обвинувањето.
– Лук Бесон категорично ги негира тие лажни обвинувања. Станува збор за личност што тој ја познава и кон која никогаш не се однесувал непристојно – рекол адвокатот на режисерот, Тјери Маремберт.
Според судски извори, тужбата се однесувала на случувања што тужителката ги нарекува силување, а се случиле во ноќта помеѓу четвртокот и петокот во Париз и била отворена истрага.
Извори запознаени со предметот посочиле дека 27-годишна жена во петокот во полициска станица пријавила случај што наводно се одвивал претходната ноќ во париски хотел.
Бесон, режисер на филмовите „Големото синило“, „Леон: Професионалецот“ и „Петтиот елемент“, не бил испитан бидејќи бил во странство.