Американската богаташка Џослин Вилденштајн, во јавноста позната по својата зависност од пластична хирургија, поднела документи за прогласување банкрот.
Вилденштајн, од разводот со својот сопруг Алек Вилденштајн, француско-американски бизнисмен и дилер на уметнички слики, доби две и пол милијарди долари и тоа се смета за еден од најскапите разводи во историјата. Џослин и Алек беа во брак 21 година.
Но, во еден момент Џослин трошела милиони долари месечно на авиони, патувања и купување егзотични животни како тигри, забележа „Венити фер“.
Иако на својата банкарска сметка таа во моментов нема ништо, Вилденштајн навела дека поседува три поврзани апартмани на 51. кат во кулата на Доналд Трамп на Менхетн, со вредност од 11.75 милиони долари (за одржување на комплексот должела 4,6 милиони долари), „Бентли“ од 2006 година кој чини 35.000 долари (за одржување должела 38.000 долари) и личен имот во вредност од 100.000 долари што се наоѓал во еден склад, при што на компанијата што го издава тој простор, ѝ должела 700.000 долари.
Седумдесет и седумгодишната Вилденштајн изјавила: „Не сум вработена и мое единствено примање е социјалната заштита. Често барам од пријатели и од членови на моето семејство да ми помогнат со секојдневните трошоци“.
По разводот Вилденштајн поретко се појавуваше во јавноста. Таа присуствуваше на шоуата на своето момче, францускиот дизајнер Лојд Клајн, кој прави облека за музичари како што се Ники Минаж и Пинк. Но, во 2016 година се разделиле, а медиумите пишувале дека Клајн изјавил дека на Џослин ѝ треба помош.
– Нема скршена пара. Последнава година и пол јас ѝ ги плаќам сите трошоци. Не можам повеќе, јас не сум Вилденштајн. Не сум толку богат – рекол Клајн.
Во декември 2017 година, Џослин изјавила дека е банкрот откако семејниот фонд на поранешниот сопруг ја лишил од годишната исплата. Џослин уште посочила дека последната месечна исплата од 111.000 долари ѝ пристигнала во март 2015 година.
– Парите престанаа да доаѓаат. Не бев подготвена за тоа – рекла Џослин, додавајќи дека без тој приход не била во можност да патува ниту да купува храна.
Опсесија
Џослин е наречена „жена мачка“ поради нејзината опсесија со пластични операции и желбата со корекции на лицето да личи на мачка. Колку што е позната по разводот од кој извлече многу пари, толку е позната и по својот невообичаен изглед.
Своето богатство Џослин почнала да го троши на екстензивни козметички операции. Според неколку биографи, таа постојано го менувала изгледот за да личи на мачка што повеќе.
Според „Дејли мејл“, Џослин потрошила 2 милиони долари на хируршки зафати за да го задоволи својот партнер, кој обожавал мачки.
Нејзиниот поранешен сопруг, пак, своевремено изјавил:
– Таа беше луда. Јас секогаш последен дознавав. Мислеше дека може да го поправи своето лице како парче мебел. Кожата не функционира на тој начин. Но, таа не ме слушаше.