Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска, во рамки на работната посета на Босна и Херцеговина, имаше средба со претседавачот на претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ.
По состанокот на делегациите на Босна и Херцеговина и Република Турција, Ердоган изјави дека Турција ќе продолжи да дава секаква помош за БиХ и дека никогаш немала скриена намера кон оваа земја.
– Имавме конструктивни разговори. Разговаравме за политички, културни, туристички и транспортни прашања, што можеме да направиме и како да ги подобриме односите, рече Ердоган, притоа заблагодарувајќи се за гостопримството.
Тој изрази задоволство што по три години повторно се наоѓа во БиХ и дека постои желба соработката во сите тие области да биде унапредена.
– Многу е важно да се потпише договор за слободна трговија, како и да стапат на сила сите договори за кои преговорите продолжуваат. Нашите претставници ќе продолжат со преговорите и ќе ги охрабриме нашите бизнисмени да ја поддржат БиХ – рече Ердоган.
Тој изрази надеж дека турските компании ќе работат повеќе во БиХ и дека патот Белград-Сараево ќе претставува пример за градење и поддршка на инфраструктурата.
Ердоган истакна дека Турција никогаш нема да ја остави Босна и Херцеговина сама на патот кон ЕУ. – Се надевам дека изборите кои следат, во БиХ и во Турција, ќе бидат можност за јакнење на нашите односи и дека ќе бидат одржани на транспарентен начин, рече Ердоган.
Претседавачот на претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ рече дека Турција и БиХ имаат одлични односи.
– Турција е со нас во нашите аспирации кога станува збор за членството во НАТО, во ЕУ, кога станува збор за економијата – рече Изетбеговиќ, додавајќи дека Турција и БиХ имаат голем број договори и дека економската соработка значително е зголемена.
Според Изетбеговиќ, најважниот проект за кој разговарале денеска е патот Сараево – Белград.
Тој рече дека е потпишано и писмо со намери, со кое се дава поддршка на билатералната соработка меѓу БиХ, Србија и Турција.
По состанокот во Претседателството на БиХ и разговорите помеѓу делегациите на двете земји, најавено е дека турскиот претседател, во придружба на домаќинот, ќе положи цвеќе на шехидските гробишта Ковачи.
За време на престојот во Сараево, на Ердоган ќе му биде доделен почесен докторат на Меѓународниот универзитет во Сараево, а во сараевската сала „Хуан Антонио Самаранч“ – Зетра ќе се одржи Шестиот конгрес на европските турски демократи (УЕТД).
На конгресот се очекува присуство на околу 20.000 луѓе од БиХ и дијаспората.
Автобуси со приврзаници на Ердоган од утрово пристигнуваат во Сараево. Претежно станува збор за Турци кои доаѓаат од Германија, Австрија и Холандија.
Во Зетра има силно полициско обезбедување.