Предизвик треба да биде да формирате ваши фирми, да се борите на пазарот, и да почнете со спроведување на храбри чекори. Владата мора да ви обезбеди нормални услови за реализација на вашиот сон. Тие нормални услови ќе ги обезбеди интеграцијата на Македонија во евро-атлантското семејство, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на трибината „Млади МК-ЕУ, можности без граници“ во Струга.
Анѓушев зборуваше за економските придобивки коишто младите луѓе, а и сите граѓани ги добиваат од интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.
Вицепремиерот Анѓушев ги охрабри младите луѓе да ги искористат мерките на поддршка што Владата ги обезбедува, да се охрабрат и да формираат свои компании и како што рече тој да сонуваат големи соништа, како ја градат својата иднина во Македонија.
Во дебатата со владините претставници младите луѓе покажаа интерес за реформата во образованието, начинот на нејзино спроведување и ефектите што ќе следуваат за подобро позиционирање на младите луѓе на пазарот на трудот.
Учесниците отворија прашања во врска со средното стручно образование, миграциите, отворањето работни места, но и теми како правдата и важењето на законите еднакво за сите.