Локалните душегрижници ќе ги разработат дивите игри на среќа и тоа на „верска основа“?!

Додека од една страна се протестира против приредувачите на игри на среќа и паралелно се предлагаат законски измени погубни за легалните игри на среќа, од друга страна, никој не ги зема предвид огромните приливи во државниот буџет и илјадниците вработени и соработници на компаниите кои буквално егзистираат од автомат клубовите и од обложувалниците.

1988

Низата оркестрирани напади кон приредувачите на игри на среќа, со цел да се сотре овој легален бизнис поради политички и финансиски побуди на поединци, не прекинуваат. Атаците кон овој сектор одат до таа мера што се бара евентуална децентрализација на издавањето лиценци за игри на среќа – наместо Владата, општините да бидат тие кои ќе одобруваат кои фирми се погодни, а кои непогодни. Идејата е еден приредувач на игри на среќа, ако сака да добие дозвола, да мора да „баци рака“ за да може легално да работи.

Последниот пример за ваквите небулози е писмото што го испратил градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, до Министерството за финансии, во кое бара да нема автомат клубови и обложувалници во близина на училиштата, а оние кои веќе постојат, да се дислоцираат на најмалку 500 метри оддалеченост.

Лажна „верска наметка“

– Ова е последниот и најостриот напад кон бизнис сегментот игри на среќа, а сето тоа е затскриено зад т.н. „верска наметка“, но повеќе од очигледно е дека има сосема друга позадина – реагираат легалните приредувачи на игри на среќа.

Хајката врз легалните приредувачи, посочуваат тие, започна уште пред Нова година, со притисок од Општина Врапчиште за затворање на легални приредувачи на игри на среќа, а потоа и со неколкуте организирани протести кои се одржуваа по петочните молитви во џамиите во Тетово, Гостивар и во Чаир. Иако протестите немаат масовна поддршка, нивната намера беше на суптилен начин, преку т.н. верски притисок, комплетно да се оцрнат легалните објекти на приредувачите на игри на среќа.

– Тие протести се организираат од дел од албанските политички партии или „заинтересирани” поединци, кои, за жал, имаат исклучиво политички и бизнис интереси, но вешто ги искористуваат верските побуди, поигрувајќи се со чувствата на населението. Се истакнуваат небулози, невистини и неиздржани тези, имајќи го предвид особено тоа што во објектите на игри на среќа, со години наназад е на сила забрана за влез и уплата од страна на малолетни лица, како и тоа дека фирмите покажуваат општествена одговорност во превенција од ризици и совети за игри на среќа, директно и индиректно стимулираат спорт и спортски настани – велат приредувачите на игрите на среќа.

Протестите „случајно“ се поклопуваат и со најавените измени во Законот за игри на среќа ,каде се даваат предлози кои овој бизнис сектор ќе го стават на стаклени нозе, бидејќи се неодржливи. Додека од една страна се даваат погубни предлози, од друга никој не ги зема предвид огромните приливи во државниот буџет и илјадниците вработени и соработници на компаниите кои буквално егзистираат од автомат клубовите и обложувалниците.

Огромни и уценувачки притисоци

– Притисоците кон сегашната власт се огромни и уценувачки! Тие доаѓаат од поединци од албанските партии, без разлика дали се во власт или опозиција, и се со единствена цел за остварување профит за нив поединечно и тоа на нелегален и неконтролиран начин, надвор од власта, надвор од државните органи. А потсетуваме, се врши притисок врз целосно легални и лиценцирани објекти, кои работат во рамки на сите законски прописи, со редовно плаќање на даноци кон државата. Игрите на среќа во Република Македонија се целосно регулирани и речиси да не постои сива економија во овој сегмент, како никаде на Балканот. И тој мал процент на нелегални објекти се наоѓаат токму во тие средини каде што се протестираше – велат приредувачите на игри на среќа.

Покрај строгата законска регулатива, посочуваат тие, државата успева за себе да си обезбеди значајна сума пари во буџетот, кои подоцна се користат во здравството, за Црвениот крст, во националните инвалидски организации, за здруженијата на граѓани за борба против семејно насилство, како директна финансиска инјекција за поддршка на спортот итн.

– Дури и самите општини имаат голем бенефит, преку наплатените персонални даноци на добивка кај сите добитниците, кои по правило треба да се распоредуваат по соодветните општини. Треба да се знае, целта на сите овие протести не е никаква социјална грижа за општеството или таканаречена заштита на младите, туку има политичка позадина и финансиски интерес. Дали градоначалниците Арбен Таравари и Теута Арифи, како и останати поединци, намерно поткопуваат целосно легализиран сектор, со цел да присвојат политички поени, или пак на оваа гледаат само како на сурова можност за идни бизнис зделки за нив самите? Нивната крајна цел е јасна и очигледна, односно да се бара евентуална децентрализација на издавање на лиценците за игри на среќа, па наместо Владата (Министерството за финансии), самите општини да одобруваат лиценци каде сите идни приредувачи ќе мора да „бацат рака“, доколку сакаат да работат – реагираат приредувачите.

Враќање на беззаконието – тоа ли е целта?

Тие прашуваат и дали оние нелегалните приредувачи на игри на среќа, од кои државата не успеала да наплати ништо и во чиј објекти играчите никогаш не биле сигурни во добивката, се всушност оние кои стојат зад целиот притисок врз легалните обложувалници и автомат клубови.

– Дали е целта на враќање на беззаконие и хаос во овие средини, каде локални поединци ќе вршат дејност на диво и игрите на среќа ќе се организираат како на Дивиот запад? Во протестите насочени кон легалните приредувачи на игри на среќа, често се гледаат лица кои во минатото се занимавале нелегално со оваа дејност, a државата нашла начин за нивно соодветно санкционирање. Преку овие протести, сакаат повторно да истапат и тоа врз чувствата на обичниот граѓанин, наводно од верски побуди што немаат врска со реалноста – велат приредувачите.

На државата останува дали ќе го дозволи сето тоа и дали ќе дозволи прекршување на Уставот со воведувања разни забрани за вршења на дејност на еден бизнис сегмент на сметка на друг, на една група на граѓани на сметка на друга. Дали ќе дозволи една од ретките законски средени работи да се растури.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...