Македонија, Србија и Црна Гора ќе соработуваат во привлекувањето туристи, особено од далечните дестинации и ќе се обидат подолго време да ги задржат во регионот преку нудење заеднички туристички производи со понуди на тури за истовремена посета на трите земји.
Ова е договорено на денешниот прв иницијален состанок во Скопје меѓу директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски, директорката на Туристичката организација на Србија Марија Лабовиќ и менаџерот за стратешко планирање на Националната туристичка организација на Црна Гора Емил Кукај.
Јаневски нагласи дека сите три дестинации во изминатата година растеа повеќе од светскиот просек и предвидувањата на Светската туристичка организација.
– Дестинациите растеа помеѓу 15 и 20 проценти што е доволна провокација да се здружуваме, да работиме и да ги делиме искуствата. Денешниот состанок е јасна порака дека во периодот што доаѓа сите три дестинации ќе работат на поголема промоција на своите потенцијали и на изнаоѓање можности за зголемување и подобрување на соработката при промоција и градење на нови туристички производи, како и на можната заедничка соработка на трети пазари- рече Јаневски на денешната прес-конференција.
Посочи дека приоритет на трите земји кога е во прашање туризмот е негово се поголемо растење.
Лабовиќ потенцира дека е одлична и досегашната соработка меѓу туристичките организации од трите земји, но додаде дека двоцифрениот раст на туризмот во наредниот период може да се задржи само со пронаоѓање на дополнителни содржини и развој на заеднички туристички производи.
– Во Србија турстите од Македонија и Црна Гора се во топ 10 кои ја посетуваат земјата. Гледаме потенцијален раст на тоа поле, но и дека не сме конкуренција едни на други, особено кога се во прашање далечните пазари. Токму таму сме компатибилни и може да се надополнуваме едни со други и на тој начин подолго да ги задржиме странските туристи во нашиот регион, така што ќе им понудиме тури кои ќе ги опфатат сите три земји – рече Лабовиќ.
Кукај состанокот во Скопје го оцени како чекор напред во соработката за промоција и развој на заеднички туристички производ.
– Се надевам дека резултат на соработката ќе биде поголем број на туристи и подобар имиџ и перцепција во светот на регионот како туристичка дестинација. На регионот дефинитивно му треба соработка и унапрадување на квалитетот, бидејќи располага со неповторливи тирустички ресурси – рече Кукај.
Нагласи дека состанокот во Црна Гора ќе биде следен чекор во продлабочувањето на заедничката соработка.