Виенскиот економски форум, е добра прилика да се афирмираат врските меѓу економијата и бизнисот со политиката со заедничките иницијативи со што се создаваат партнерства меѓу владите и општествата на земјите од Западен Балкан за иднината на граѓаните од регионот, рече премиерот Зоран Заев во својата дискусија на Виенскиот економски форум, кој е дел од Самитот за Западен Балкан на ЕУ на темата „Поврзување“.
-Дозволете ми да ви дадам еден пример: Со Бугарија, потпишавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Без странска медијација. Сега ги жнееме резултатите: Трговијата меѓу двете земји порасна за 12 отсто. Ова е добар пример и поттикнување за подобрување на билатералните односи за другите во регионот -рече Заев.
Заев, како што информира владината прес-служба, зборувал и за разговорите со Грција и информирал дека на последните средби се презентирани повеќе опции за можни решенија, а една од нив најавува решение кое може да биде прифатливо и за двете страни.
-Во минатата година работевме напорно за да им покажеме на нашите соседи и пријатели дека Македонија е на вистинскиот пат – рече Заев.
Заев зборувал и за придобивките од реформските процеси во земјата опфатени со Планот 3-6-9.
Заев истакнал и дека една од најважните мисии на лидерите и на политичките раководства од регионот на Самитот на ЕУ е да ги мотивираме и убедиме лидерите на ЕУ да го прифатат Западен Балкан во европската визија за Западен Балкан.