Во Сочи средба Путин – Асад: Економска обнова и хуманитарна помош на Сирија

138

Рускиот претседател Владимир Путин вечерва се сретна со сирискиот колега Башар ал Асад во Сочи, при што разговараа за идните чекори за политичко решавање на кризата во Сирија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истакна дека на средбата била нагласена неопходноста од создавање на дополнителни услови за обнова на политичкиот процес во Сирија.

Путин ги поздрави успеси на сириските сили во борбата против терористичките групи, нагласувајќи дека во Сирија е време за обнова на економијата.

– Сега ние можеме да ги преземеме следните чекори заедно со Вас. Наша следна задача ќе биде економска обнова и хуманитарна помош за луѓето кои се наоѓаат во тешка ситуација – изјави Путин.

Асад од своја страна нагласи дека Дамаск го поддржува политичкиот процес, што треба да се води паралелно со борбата против тероризмот.

– Стабилноста во Сирија се подобрува и тоа ги отвора вратите за политичкиот процес – истакна Асад.

Асад го информира рускиот претседател дека формирал делегација која ќе учествува во преговорите за изготвување на новиот устав на Сирија, што се водат под покровителство на Обединетите нации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...