Американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, како и што е предвидено на 12 јуни во Сингапур, и покрај најавите на Пјонгајнг за можно откажување на самитот, соопшти денеска Белата куќа.
– Доколку Севернокорејците сакаат средба, ние ќе дојдеме на неа. Нема промена во нашиот распоред. Во оваа фаза ние продолжуваме со подготовките – изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
Таа нагласи дека поканата за средбата дошла од Северна Кореја и САД ја прифатиле.
– Продолжуваме да напредуваме во подготовките (за средбата) – додаде Сандерс.
Пјонгјанг во вторникот ги откажаа за вчера предвидените разговори на високо ниво меѓу претставници на Северна и Јужна Кореја и се закани со откажување на средбата меѓу Трамп и Ким, поради највените воени маневри на американската и јужнокорејската армија во Јужна Кореја.
Пентагон претходно денеска соопшти дека не планира да го намали обемот на вежбите и покрај незадоволството на Пјонгјанг.
Американското Министерство за одбрана соопшти дека вежбата во Јужна Кореја е „рутинска и само со одбранбен карактер“.
Според полковник Роб Менинг, целта на вежбата е подобрување на капацитетите на армиите на САД и Јужна Кореја за заедничко дејствување.
Северна Кореја меѓутоа смета дека воените вежби претставуваат „проба за можна инвазија врз земјата“.
– Оваа вежба во Јужна Кореја чија цел сме ние, претставува флагрантен предизвик за Декларацијата од Панмунџом и намерна воена провокација насочена против позитивниот политички развој на Корејскиот Полуостров-оценија севенокорејските власти.
Според Пјонгјанг, Вашингтон „треба внимателно да размисли за судбината на планираниот Самит меѓу Северна Кореја-САД“, имајќи го предвид „провокативниот воен потег организиран заеднички со јужнокорејските власти”.