Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески на министерскиот состанок посветен на транспортната поврзаност на земјите во Западен Балкан, што се оддржа денеска во Софија, Бугарија, ги презентираше тековните и планираните проекти во патната и железничката инфраструктура во Македонија, посебно задржувајќи се на инвестиците на Коридорите 8 и 10.
На состанокот се разговараше за регионалната транспортна поврзаност и се презентираа потенцијални проекти и можности за инвестиции пред претставниците на меѓународните финансиски институции.
– Овие инвестиции ќе обезбедат унапредување на транспортната поврзаност, особено имајќи предвид дека воспоставувањето конкурентна и безбедна Транс – европска транспортна мрежа во Република Македонија како дел од Европската транспортна мрежа, претставува заедничка цел на земјите од регионот кои се стремат кон полноправно членство во Европската Унија – истакна Сугарески.
Овој состанок претставува дел од стратешкиот дијалог за Западен Балкан поддржан од Светскиот економски форум со цел унапредување на јавното-приватно партнерство за понатамошно зајакнување на инвестициите во регионот.
Во рамките на министерскиот состанок, министерот Сугарески оствари билатерална средба со косовскиот министер за инфраструктура на која се разговараше за автопатско поврзување меѓу Република Македонија и Косово, преку изградба на автопатот Скопје-Приштина.
Двајцата министри се согласија дека е потребна изградба на автопатска врска, заради потребата од зајакнување на економските односи меѓу двете земји.