Регионалниот совет за соработка (РСС) успеа со своите активности и со напорите на земјите од Западен Балкан да ја продлабочи регионалната соработка во речиси сите сектори, изјави денеска генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, во Софија.
Говорејќи на Самитот на Европската унија и Западен Балкан во име на РСС, што е единствена меѓувладина организација на земјите членки на Процесот за соработка во ЈиЕ (ПСЈИЕ), Свилановиќ подвлече дека резултатите се особено видливи во соработката за движењето на работната сила и економската и дигиталната поврзаност на регионот, како делови од Повеќегодишниот акциски план(ПАП), усвоен лани во Трст.
Резимиријаќи ги извештаите добиени од шесте земји од регионот Свилановиќ, како што соопшти РСС, ги претстави главните резултати содржани во нацрт извештајот за спроведување на планот за заеднички економмски простор (ПАП – ЗЕП):
-Инвестициска агенда: сите шест економии од Западен Балкан ја подржаа Регионалната агенда за реформи во областа на инвестициите со соодветна група на политики и го усогласија политичкиот документ за координација на финансиските пазари и диверсификацијата на пристапот кон пазарите на капиталот.
– Дигитална интеграција: регионот покрена политички дијалог на високо ниво за дигитализацијата на шесте земји од Западен Балкан по пат на годишни дигитални самити, а првиот беше одржан во Скопје на 18 и 19 април 2018 година. Советот ги повика тимовите за одговор на компјутерските безбедности инциденти од шесте економии на Западен Балкан и нивните претставници ги вклучи во активности за изградба на капацитети, со што се засилуваат капацитетите за кибер сигурноста и се унапредува соработката меѓу тимовите од регионот. Освен тоа, РСС постигна спогодба постоечката Регионална спогодба за роамингот да се продолжи и да се воведе принципот во шесте земји „во роаминг, исто како дома“.
– Агенда за мобилност: шесте економии од Западен Балкан ја подржа препораката за отпочнување преговори за спогодба за заемно признавање на стручните квалификации. РСС посредуваше и при усогласување на клучните принципи на заедничкиот модел за автоматско признавање на академските квалификации на Западен Балкан.
Свилановиќ го поздрави барањето на лидерите на шесте земји од Балканот да се зголемат уште повеќе напорите за спроведување на ПАП, за кој, рече во заклучокот, дека е одлично интерно усогласен со обврските во сите нивоа и во фаза на реализација, но и дека се потребни уште повеќе проекти и активности за неговото натамошно што поуспешно спроведување.
Регионалниот совет за соработка е меѓувладино тело на ПСЈИЕ, чиј основач и полноправен челне е Република Македонија, а од минатиот самит во Трст му е дадена клучна улога да ја координира соработката во регионот.