Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека засега не е јасно дали ќе се одржи неговата закажана средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
– Мораме да видиме. Нема одлука, воопшто не сме информирани. Не видовме ништо, не слушнавме ништо – изјави Трамп.
Американскиот претседател нагласи дека и покрај се, тој ќе продолжи да инсистира на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
Северна Кореја вчера се закани дека би можела да ја откаже средбата меѓу Трамп и Ким превидена за 12 јуни во Сингапур, поради најавените јужнокоројско-американски воени вежби.
Од истите причини, властите во Пјонгјанг ги откажаа и за денеска предвидените разговори на високо ниво меѓу претставници на Северна и Јужна Кореја.
Претходно денеска портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс изјави дека САД и натаму се надеваат дека ќе се одржи планираната средба меѓу Трамп и Ким, додавајќи дека се подготвени за тежок преговарачки процес.
– Се уште се надеваме дека средбата ќе се одржи и ќе продолжиме по тој пат, но истовремено подготвени сме дека тоа би можеле да бидат тешки преговори – изјави Сандерс во интервју за Фокс њуз.
Таа додаде дека Трамп е подготвен за средба, но дека доколку таа не се оствари, тогаш САД ќе продолжат со кампањата за вршење максимален притисок.