Непосредно пред почетокот на престојниот Самит на земјите од Западен Балкан утре во Софија, Бугарија, директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија со директорката на Бугарскиот филмски центар Жана Караиванова, денеска во Кан го усогласија и го потпишаа текстот што ќе биде основа за да се потпише и да стапи во сила Договорот за копродукција на аудиовизуелни дела и меѓусебна соработка меѓу двете земји на полето на филмската уметност, информира Агенцијата за филм.
Во рамките на Канскиот Филмски Фестивал, Агенцијата за филм потпиша и договор за соработка и со филмската институција од Косово со г. Арбен Зарку, а почна и со разговори за потпишување на договорот со Мишел Плазанет од Centre national du cinema (CNC). Остварени се и контакти со „Телефилм Канада“ со кои исто така ќе се верификува соработката меѓу двете кинематографи.
Инаку, македонскиот штанд вчера беше посетен од Директорот на Грчкиот филмски центар Василис Космопоулос, каде што со директорот на Агенцијата за филм на РМ разговараше за идната соработка помеѓу двете земји, и иницираа потенцијална соработка на конкретни проекти.
На италијанскиот павиљон во Кан за време на копродукцискиот настан, директорот Тозија, се обрати кон присутните претставувајќи го новиот концепт за стратегијата на АФРМ, со акцент на важноста на копродукциите со земјите од регионот и пошироко.
„Меѓудругото во нашата стратегија е особено значајно да се истакне грижата за женските филмски авторки и продуцентки на кои преку востановениот коридор за соработка ќе им биде олеснета можноста за реализација, како и поддршката за младите автори, во кои треба да се вложи бидејќи тие се иднината на филмската дејност“.
На промотивниот настан присуствуваше екипата од филмот „Дивата круша“, чиј копродуцент е Македонија и е во официјалната селекција на Канскиот фестивал. Беа претставени и домашните остварувања кои се дел од филмскиот маркет – двата долгометражни, „Ефектот на среќата“ на Борјан Зафировски и „Дедо и внук“ на Илија Пиперковки, како и два краткометражни филма, „Една“ на Вук Митевски и „Готлиб“ на Крсте Господиновски.
На 9 мај во дневните изданија на списанието „Холивуд репортер“, Агенцијата за филм закупи простор за објава со која се направи промоција на Македонија како дестинација за снимање филмови
.