Со трговскиот спор околу царините за челикот и алуминиумот и со повлекувањето на САД од Договорот за иранската нукеларна програма, американскиот претседател Доналд Трамп „ја ослободи Европа од сите илузии“, изјави денеска во Софија првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск.
– Гледајќи ги последните одлуки на американскиот претседател Трамп, некој би можел да помисли дека со таков пријател, не ви требаат непријатели. Искрено кажано, Европа би требало да му биде благодарна на претседателот Трамп затоа што поради него се ослободивме од сите илузии – истакна Туск.
Според него, Трамп им помогнал на Европејците да сфатат дека „ако ви треба рака што помага, ќе ја најдете на крајот на вашата рака“.
Туск нагласи дека ЕУ мора да биде обединета за да се соочи со новиот феномен – „каприциозната самоувереност на американската Администрација“.