Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, со кој се регулира сурогат мајчинството во Македонија, треба да претрпи измени, е заклучокот на денешната трибина „Сурогат мајчинство – биотехнички, правни и психолошки дилеми“ што беше организирана од страна на Центарот за интегративна биоетика, при Филозофскиот факултет во Скопје.
– Законот е спорен во повеќе сегменти. Спорно е тоа што се предвидува договор за сурогат мајчинство да можат да склучуваат само брачни парови – истакна професорот Дејан Мицковиќ, заклучувајќи дека во законот постои еден вид дискриминација.
Тој посочи дека спорно е и тоа што во постапката за сурогат мајчинство може да се користи и дониран ембрион, што значи дека ниту еден од родителите нема да има никаква генетска врска со детето.
– Спорно е и тоа што имаме одредена дискриминација помеѓу мажите и жените кај вештачкото оплодување, бидејќи самата жена може да се јави како корисник на биомедицинско потпомогнато оплодување, од друга страна мажот сам не може – нагласи Мицковиќ.
Професорот Дејан Донев ги запраша сите припаднички на женскиот пол – колку чини изнајмување на матка денес, со што отвори дилема, констатирајќи дека многу е тешко да се даде одговорот на таа „морална инвазија во интимноста на човекот“.
– Во Индија денес се изнајмува матка за 5.000 евра, односно сурогат мајка, која најчесто е жена од руралните средини зафатени со сиромаштија, дали тоа не претставува злоупотреба – запраша Донев.
Професорката Ана Фрицханг посочи дека за сурогат мајчинството досега се направени малку истражувања, бидејќи темата е многу комплексна, како од психолошки, така и од етички и правен аспект.
– Според она што го имаат покажано досегашните истражувања, во сурогат мајчинството постои висок ризик од аспект на емоциите, како кај мајките, така и кај децата. Забележана е зголемена агресија кај децата кои се добиени по пат на сурогат мајчинство – наведе Фрицханг, заклучувајќи дека мора да се спроведуваат психолошки советувања и со сурогат мајката и со семејството кое ќе го земе детето, пред бременоста, за време на бременоста, како и шест месеци по завршувањето на постапката.
Учесниците на трибината констатираа дека постојат многу дилеми во однос на сурогат мајчинството, поради што постојат и земји во кои е забрането. Тие заклучија дека во најскоро време треба да се работи на законските измени кои треба да се спроведат во законот за биомедицинско потпомогнато оплодување.