Чифлиганец: Инвестираме во финансиско-банкарскиот сектор за стабилен развој на Адора

569

Одлуката за инвестирање во хартии од вредност, конкретно, во акции издадени од нашата реномирана Комерцијална банка АД Скопје, во рамките на Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје, ја донесовме од деловни причини и со верба дека со тоа ќе го продлабочиме успешното работење на нашата компанија во иднина, но и успешното работење на Комерцијална банка, како еден од столбовите на банкарскиот систем во Македонија, со цел за подобар развој на банката, а со тоа и на нашата економија во целина, вели Ванчо Чифлиганец, генерален директор на Адора.

– Адора инженеринг како успешна градежна компанија веќе 16 години стопанисува на македонскиот пазар. Во овој период компанијата постигна деловни успеси и преку градежниот сектор-високата градба, ја поттикнуваше и вкупната економска активност во Република Македонија. Тоа нам, како менаџмент ни овозможи да размислуваме за нови деловни предизвици и потфати, да инвестираме и во други дејности, вклучувајќи го и финансиско-банкарскиот сектор, заради натамошен стабилен развој на компанијата. Од овие причини, инвестиравме во акции во КБ АД Скопје, што до овој момент резултира со учество од 7,38 отсто од основната главнина на банката. Средствата за овие инвестиции се обезбедени исклучиво од сопствени извори, односно акциите се купени со сопствени средства и во моментов Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје, нема никакви кредитни обврски кон Комерцијална банка АД Скопје, ниту кон било која друга деловна банка – изјави Чифлиганец.

Тој додава дека со Комерцијална банка развиваат сосема поинаков вид на односи што се во функција на обостран интерес и од интерес на сите клиенти на банката, но кредити од банката не користат. Сопствените инвестиции во Адора инженеринг, исто така, во овој момент ги обезбедуваме од сопствени средства, вели тој.

– Како и секој акционер во секое акционерско друштво, очекуваме пристоен и стабилен поврат на инвестираните средства, но наша цел не е само остварување финансиска добивка од инвестираните средства, туку како дел од акционерската структура на банката, да дадеме и дополнителен придонес за нејзиниот иден развој, како и за добробит на сите деловни клиенти на банката. Се надеваме дека оваа наша мисија ќе биде успешна и во корист на сите – вели сопственикот на Адора.

Тој вели дека потсетуваат дека според деловните планови и предвидувања, Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје ќе продолжи со идни инвестициски зафати во основната дејност-градежништво, како и во други дејности.

– Сметам дека е логично, по 40 години успешна и плодна професионална кариера и по 30 години успешно менаџирање со многу знаење и труд, што влегувам во нови деловни предизвицин во финансискиот сектор – изјави Чифлиганец.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...