Владата заедно со Министерството за животна средина и општините од Полошкиот регион веќе работи на изнаоѓање на трајни решенија за проблемот со депонијата Русино, рече премиерот Зоран Заев и потенцирајќи го присуството на претставниците на претставници на швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања СЕКО, кои како резултат на заложбите на надлежните институции, се партнер во изнаоѓањето на трајно решение.
Жителите на бањичкиот регион (гостиварско), пред премиерот ја потенцираа потребата од итно и неодложно решавање на проблемот со депонијата во Русино, која е сериозна закана по здравјето на жителите и земјоделските производи во тој регион.
Заев рече дека веќе е обезбедена донација од 8 милиони швајцарски франци кои ќе бидат наменети за справување со депонијата во Русино, и дека дополнително се јавуваат и други инвеститори заинтересирани за ракувањето со отпад.
– Најбитно е да имаме взаемно разбирање и да сме добро организирани. Како Влада стоиме на располагање и сме подготвени да интервенираме во насока на зачувување на здравјето на граѓаните пред сѐ – рече Заев.
Тој на средба ги задолжи надлежните институции да преземат мерки за итно справување со контаминацијата на водата од тој регион, на што посебно се пожалија жителите, а која произлегува од неконтролираното користење на депонијата од многу субјекти.
На средбата, министерот Дураки побара градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, како претседавач на Полошкиот плански регион да предложи да се формира Јавно претпријатие задолжено за стопанисување со таа депонија.
Претставниците од СЕКО, пак, информираа дека во следниот период ќе биде финансирана програма за решавање на проблемот со депонијата, и дека ги следат сите законски регулативи во изготвувањето на план и физибилити студија за идното функционирање на таа депонија.
Од СЕКО, исто така информираа дека дополнително се обезбедени и половина милион швајцарски франци за интервентни мерки, кои ќе се имплементираат во периодот додека се изготвуваат потребните студии.