Стрип артистите Игор Јовчевски и Никола Темков се главните „виновници“ за лансирањето на македонскиот стрип-магазин „Деветка“, кое љубителите на стрипот ќе можат да го најдат на киосците двапати во годината, по цена од 90 денари.
По неколку обиди на појавувања на стрип магазини на македонскиот пазар, иницирани од различни издавачи, кои многу брзо згаснуваа, Игор и Никола се оптимисти дека „Деветка“ ќе опстои на пазарот, благодарение на интересот за стрипот кој континуирано расте во земјава, како и на интересните содржини кои ги нудат во ревијата.
– Стрип-ревијата ја планиравме уште од основањето на нашата фирма „Стрип квадрат“, во 2013 година. Оттогаш поминаа пет години до првото издание на „Деветка“. Надежта е во тоа дека сега сме малку и поискусни, знаеме што сакаме и што може да очекуваме – вели Никола Темков.
Ни Игор не „лета“ многу со желбите и очекувањата, но верува дека ќе можат да „тераат“ со темпото на излегување кое го имат предвидено.
– Двапати во годината, според мене, е добро темпо според условите и пазарот којшто го имаме во Македонија. Поголем дел од тиражот ќе се распродаде токму поради пристапноста на цената, а ние ќе се трудиме ревијата да биде богата со содржини и да може да ги задоволи пошироките вкусови – објаснува Игор Јовчевски.
Со Игор и со Никола разговараме и на темата што најмногу ги мачи во издаваштвото на стрипови и колку е популарен стрипот во Македонија.
– Стрипот во Македонија не е многу застапен како вид на култура, а ние сакаме да ја разбудиме таа публика која беше заспана. Од 90-те до двеилјадата година, воопшто немаше стрипови, немаше каде да се купат, ни по киосците ниту по книжарниците. Сега, на овој начин, сакаме да го обновиме тој момент, да ги изнесеме стриповите на виделина, а понатаму, се надеваме дека публиката сама ќе си дојде – вели Никола.
Дека периодот по распаѓањето на поранешна Југославија бил „црна дупка“ за стрипот во Македонија, се согласува и Игор. Но, додава дека во поново време, интересот за стрипот полека, но контуирано расте.
Во меѓувреме, се отвори и стрип книжарницата „Бункер“ која, исто така, имаше големо влијание во достапноста на стриповите. Нашата фирма пак, „Стрип квадрат“, работи на промовирање на македонски стрип автори, но во ревијата во секој број ќе имаме и гости од различни балкански земји“.
„Деветка“ нуди разиграни содржини, рецензии и осврти за стрип дела, интервјуа со стрип артисти и, се разбира, нови стрипови од македонски автори. Меѓу соработниците на редакцијата се и љубителите на стрипот кои се успешни во други професии, на пример, д-р Бошко Караџов, професор по филозофија или Ристе Манасиевски, љубител на филмови и стрипови. „Деветка“ нуди и мала стрип школа преку која се претставува целата постапка на изработка на стрип, со цел да се запознат и едуцираат младите кои се интересираат за изработка на стрипови. Советите во оваа школа се базираат на петнаесетгодишното активно бавење со стрип на Јовчевски, а го вклучуваат традиционалниот пристап со молив и туш на хартија, како и потребниот прибор за работа, форматите на хартија, скиците, односно сите фази во изработката до финална стрип табла.
– Стрип школата е малку тежок предизвик. Се нафатив јас да го водам мини-стрип курсот, кој се печати на две страници во секое издание. Тоа се оние информации кои, на пример, јас како дете, сакав да ги најдам некаде, кои би ми помогнале како јас да почнам да работам стрипови. Во тоа време, немавме каде да видиме како се изработува стрип. Денес се повеќе се користи дигиталниот начин на изработка на стрипови, но сепак, сметам дека традиционалниот начин е основа и мора да се познава – објаснува Игор.
А, дали еден стрип-илустратор во Македонија може да живее само од изработка на стрипови?
– За стрип авторите кои би сакале да живеат во Македонија и да работат за нашиот пазар, ситуацијата не е е розова. А, и не верувам дека во догледно време ќе биде, бидејќи издавачите не се моќни да даваат добри хонорари за стрип авторите. Има примери на успешни македонски стрип-автори кои работат за странски пазари и кои можат да живеат од своите дела – заклучува Игор.