Османи му честита на Косово и најави почеток на изградба на автопатот кон Блаце ВИДЕО

450

Вицепремиерот Бујар Османи ги поздрави напорите од Косово за завршување на автопатот од 55 километри што води кон граничниот премин Блаце со Република Македонија и соопшти дека се почнати подготвителните работи за проектирање и реализација и на нашиот дел од автопатот, од Скопје кон ГП Блаце во должина од 13 километри.

Во видеообраќање од автопатот во изградба во Косово, во близина на Качаничка Клисура, Османи рече дека како вицепремиер ја раководи министерската група задолжена од Владата за реализација на овој проект.

– Секретаријатот за европски прашања веќе обезбеди 1,3 милиони евра за проектирање и студија на теренот за реализација на нашиот дел од автопатот и техничките групи се веќе на терен. За овој стратешки проект многу се зборуваше во минатото, но поради многу причини, вклучително и политички, некако беше ставен во заборав – изјави Османи.

Вицепремиеерот нагласи дека автопатиштата се важни артерии за развој на една држава, но кога спојуваат две соседни држави стануваат, рече, и мостови на пријателство меѓу луѓето.

Минатата година на ГП Блаце, рече Османи, поминале 2,7 милиони возила во двата правца, Македонија во Косово извезла стока во вкупна вредност од 190 милиони евра, а увезла стока од 40 милиони евра.

– Тоа зборува за значителен суфицит во наша полза. Ако на овие бројки ги додадеме 30 милиони евра проценети трошоци на косовските државјани на годишно ниво во Македонија за здравствени услуги, тоа исто така зборува за влијанието на овој автопат за економијата на Република Македонија – истакна Османи.

Тој укажа и дека извозот од Македонија во Косово, кој во 2011 година изнесувал 420 милиони евра, сега е двојно намален поради изградбата на автопатот Пришина – Тирана.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...