Лингвистка и компјутерџија – земјоделци во подем

Милица и Васил Петрушевски, скопјани од Капиштец, лингвистка и компјутерџија по образование, се брат и сестра кои ја гледаат својата иднина на семејниот имот во село Орешани, кадешто веќе втора година по ред одгледуваат органски зелени производи

1100

На вчерашната тркалезна маса на тема: „Како да се поттикне производството на органска храна“, можевме да ги чуеме искуствата на производителите од Македонија кои ги споделија своите искуства, проблеми и очекувања.

Тука, помеѓу другите производители на органска храна, ги запознавме и Милица и Васил Петрушевски, брат и сестра чија фирма „Аквапуника“ се занимава со земјоделско производство, во чиј фокус се градинарските производи, а стратешка култура им се зелените производи, спанаќ, марула, зелка, млад кромид, млад лук. Тие се сертифицирани производители на органска храна, која пак е дел и од нивната животна филозофија.

„Активно се занимаваме со органско производство во последните две години, а обработуваме околу 1 хектар земја во селото Орешани, на 20-30 километри од Скопје. Јас сум лингвист, а брат ми е компјутерџија. Нашата љубов кон земјоделието има корени во нашето детство. Пораснавме одејќи во нашата викендичка во Орешани, купена за децата да растат и да јадат здраво. Откако знаеме за себе, знаеме и за тие два декари земја кои на времето ги обработуваше нашиот татко, како хоби, а пред него и нашата баба-земјоделка. Откако знам за себе, јас садам пиперче, цветче, или нешто трето, одам и газам боса по земја и уживам во овој начин на живот“, вели Милица.

Таа својот брат Васил, инаку, компјутерџија, го нарекува и Прока Пронаоѓачот, бидејќи, вели, е по природа инвентивен, сака предизвици и нови работи, а е и најголем противник на пестицидите.

„Брат ми смета дека со определени регулирани услови во пластениците, со определен начин на садење или со определена агротехничка мерка, пестицидите можат целосно да се елиминираат. Тоа е неговиот предизвик. Во целиот процес на производство многу вложува во смисла тоа да биде што е можно поприродно и што е можно покреативно“, вели Милица.

Освен што самите произведуваат органски градинарски култури, тие гледаат и другите производи кои се вклучени во нивната исхрана да бидат колку што е можно поприродни па главно се снабдуваат во селото.

Прочитајте повеќе на порталот „Арт кујна“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...