Сликовито ја гледам администрацијата како голем, масовен, гломазен брод-крстосувач, кој плови во еден правец, во немирно море, долго време, изјави министерот Манчевски на промоцијата на истражувањето „Анализа на именуваните и избраните лица. Извештај од следење: Колкав и каков јавен сектор имаме во Македонија“.
– Денес ние се обидуваме да го свртиме овој крстосувач. Тоа оди тешко и бавно, ама и треба и многу сила и волја. Треба и поддршка од сите кои се на бродот. Лесно е да се заврти брод кој е празен, ама што ќе ни е таков брод. Со други зборови, не треба да предизвикаме квалитетните луѓе да скокнат од бродот, односно да ја напуштаат администрацијата -рече Манчевски.
Според него, за да се адресираат проблемите и наодите во оваа анализа, потребно е дополнително да се направи анализа на законската регулатива.
Манчевски рече и дека паралелно со овие истражувања и анализи, Министерството работи и на функционална анализа на јавниот сектор.
– Првиот чекор е хоризонталната функционална анализа, чија прва предлог верзија е веќе готова. Таа ќе покаже кои институции и каде се препоклопуваат со своите надлежости. Таа исто така ќе покаже и кои институции би можеле да се спојат или пак можеби и да се формираат нови рече Манчевски.
Една од главните забелешки на ЕУ кога работиме бројни стратешки документи со нив е дека во државата нема основни анализи, немаме појдовни податоци.
-Нема правила, нема пропишана законска процедура кој е надлежен да формира некоја институција – рече Манчевски.
На настанот се обратија и амбасадорот на Обединетото кралство во Република Македонија, Чарлс Гарет и државниот секретар на МИОА, Јахи Јахија.