Белата куќа на својата официјална страница објавила дека претседателот на САД, Доналд Трамп, сака да го вработи Мехмет Оз, попознат како доктор Оз, за советник за спорт, фитнес и исхрана, објави Си-ен-ен.
Многумина со негодување гледале на оваа намера на Трамп, со оглед на тоа што Оз многу колеги го прозваа поради научно непоткрепени совети што ги даваше на телевизија, поради што контроверзниот лекар веќе еднаш одговараше пред американскиот конгрес и пред судот.
– На ниту еден сериозен лекар не му е јасно зошто го правите тоа. Три производи што ги прогласивте за чудесни, научната заедница јавно ги исмеа – го нападнала Оз уште во 2014 година сенаторката Клер Мекаскил и побарала негово сослушување пред конгресот.
Две години подоцна во американската јавност одекна и втор случај поврзан со контроверзниот лекар, па во 2016 година Мехмет Оз прифатил судска спогодба според која на гледачите што ги измамил со лажни средства за слабеење, заедно со компании со кои соработувал, морал да им исплати отштета во износ од 9 милиони долари.
Инаку, претседателскиот совет за спорт, фитнес и исхрана е дел од Секретаријатот за здравство.
Но неговата реторика, што сериозни лекари и институции јавно ја преиспитуваат, не се одразила на милионите обожаватели што и понатаму безусловно го обожаваат.
Многумина се прашуваат како еден наградуван кардиоваскуларен хирург со дипломи од трите најугледни универзитети стана човек што промовира зрна зелено кафе со кое се „слабее за седум дена“ или зошто милиони луѓе своето здравје му го препуштаат на телевизиски лекар што веќе е осудуван и кого луѓето од струката го исмеваат.
Доктор Оз има милиони следачи на Фејсбук, Твитер и на Јутјуб. Преку сите тие канали Оз остава порака дека своето здравје може да се држи под контрола со помош на едноставни трикови и природни лекови и дека може да се слабее без никаков физички напор.
Хрватски „24 сата“ бележи дека во светот последниве години т.н. медицинско шарлатанство станува сè попрофитабилен бизнис што се мери во милијарди долари. Само Американците на алтернативна медицина годишно трошат околу 40 милијарди долари.
ФОТО: јутјуб