Во првиот квартал од тековната 2018 година, главен акцент во работењето на Стопанска банка а.д. Битола беше насочен кон остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Банката за 2018-2022 година. Притоа, Банката постојано го приспособуваше своето работење на промените во домашните економски услови, модерните банкарски текови и глобалните пазарни случувања.
Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат во првиот квартал од годинава, односно добивка во износ од 8 милиони денари. Тековното остварување првенствено е резултат на повисоки нето-приходи од редовното работење и ефикасно управување и контрола на трошоците што придонесе за неутрализација на ефектот од зголемената исправка на вредност и загуба за оштетување.
Добивката пред исправка на вредност и загуба за оштетување изнесуваше 40,79 милиони денари што претставува зголемување од 72,86 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од камати се повисоки за 25,88 отсто, односно 17,84 милиони денари во однос на остварувањето од минатата година, додека планот за првиот квартал од 2018 година беше остварен со 107,56 отсто.
Кај приходите од камати беше постигнат годишен раст од 8,22 милиони денари, што генерално се должи на зголемено кредитирање на секторот домаќинства заради дисперзија на ризик и проширување на клиентската база.
Доброто управување со изворите на средства и нивните цени придонесе за намалување од 9,62 милиони денари на страната на расходите, главно во делот на пасивни каматни стапки.
Нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 7,60 милиони денари, што претставува годишен раст од 32,02 отсто.
На страната на расходите е евидентирано благо намалување, додека приходите од провизии бележат позначаен раст одразувајќи го зголемениот обем на активности, главно во делот на платен промет. Планот на нето-приходи од провизии и надомести за анализираниот период е остварен со 116,71 отсто.
Нето-курсните разлики се повисоки за 1 милион денари споредено со првиот квартал од минатата година, додека планот е остварен со 91,48 отсто.
Останатите приходи од дејноста се пониски за 7,89 милиони денари, односно за 39,96 отсто споредено со првите три месеци од 2017 година кога беа остварени вонредни приходи и капитални добивки од продажба на преземен имот.
Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа, е повисока во однос на претходната година за 13,71 отсто што се должи на квалитетот на дел од постојното кредитно портфолио.
Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа, за првиот квартал од годинава изнесуваше 19,37 милиони денари, што претставува поголем износ за 43,27 отсто споредено со минатата година. Ваквото остварување е резултат на издвојување на повисок износ за оштетување на преземениот имот согласно регулативата на НБРМ според која преземениот имот по 1.1.2010 година се сведува на нула.
Трошоците за вработените се пониски за 0,62 милиони денари споредено со истиот период лани, што е одраз на настојувањата на Банката за постигнување на поголема ефикасност во работењето со постојниот стручен кадар. Планот кај оваа позиција е остварен со 83,06 отсто. Останатите расходи од дејноста се повисоки за 3,04 отсто, што главно е резултат на трошоци поврзани со имплементација на Меѓународниот стандард за финансиско известување – МСФИ 9. Планот за првиот квартал од тековната година е реализиран со 113,06 отсто.
Амортизацијата е зголемена за 8,15 отсто на годишна основа, додека реализацијата на планот изнесува 87,87 отсто.
Во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2017 година на Стопанска банка а.д. Битола, усвоена на седницата на Собрание на акционери одржана на 25.4.2018 година, Банката не исплати дивиденда за 2017 година.
Очекувањата за периодот што следува се во насока на стабилизирање на макроекономско опкружување и умерено забрзување на домашниот економски раст. Банката и во идниот период ќе делува во согласност со целите, мерките и активностите поставени во Деловната политика, развојниот и финансискиот план за периодот 2018-2022 година.
Фокусот, како и досега ќе биде ставен врз пресретнување на потребите на клиентите преку понуда на иновативни производи и услуги, јакнење на депозитниот потенцијал, понатамошно подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и вкупната актива преку засилени активности за наплата на нефункционални кредити, одобрување нови изложености со прифатливо ниво на ризик и продажба на преземениот имот.
Дополнително, Банката ќе го прилагодува работењето во согласност со измените во законската и подзаконската регулатива и услувите на пазарот. Врз основа на ваквите активности, динамиката на раст на приходните позиции би била поголема во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде услови за понатамошно подобрување на финансискиот резултат на Банката.