Пред една година во соседна Србија, едноподруго се случија два страотни злостори. Двајца мажи, едниот пред Центарот за социјална работа во населбата Тошин бунар во Белград со камен ја убил својата поранешна сопруга и мајка на три деца со кои тој требало да има видување во просториите на Центарот, а другиот, во Центарот за социјална работа во Раковица, ги убил и својот петгодишен син и сопругата со која водел бракоразводна постапка.
Ова се навистина екстремни случаи и веројатно станува збор за луѓе кои веќе имале криминално минато, но ќе признаете, за да си ја убиеш мајката на своите деца, во првиот случај, или уште поневеројатно и постраотно, да си го убиеш и сопственото дете, е состојба која би требало да ја анализираат психијатрите.
Меѓутоа, токму ставот на еден српски психотерапевт (Зоран Миливојевиќ) за последниов случај, ја подели јавноста во соседството.
Во својата колумна тој го нарече случајот на убиството на детето и неговата мајка пред Центарот за социјална работа „Медејина одмазда“. Според него, секоја современа трагична приказна, вклучувајќи ја и онаа во која таткото го фрла пред мајката задавеното дете, а потоа ја усмртува и неа со нож, има своја историја и свој контекст.
„Ако мајката не ја игнорирала одлуката на судот и не го спречувала таткото да го гледа детето, можеби оваа трагедија немаше да се случи“, напишал Миливојевиќ.
Покрај овие крвави трагедии после разводите кои го привлекуваат вниманието на јавноста, постојат и стотици и стотици други во кои, за среќа, нема мртви, но во кои сите страдаат, а најмногу децата. Тоа се драмите на распаднатите семејства, во кои едниот родител емотивно го оттуѓува детето од другиот, во кои покрај правни, се водат и вистински психолошки војни и во кои и двете страни се трудат да го изманипулираат системот.
Прочитајте повеќе на порталот „Мајка и дете“.