Ништо не може да ја спречи оваа година да биде исклучителна во македонската концертна историја, велат од „Авалон продукција“, најавувајќи го уникатниот проект – за првпат во Македонија, на 25 јули, доаѓа една од најголемите италијански ѕвезди и сигурно еден од најдобрите европски вокали, Цукеро.
Цукеро со своето шоу ќе настапи во Охрид, во идеaлниот простор за таа музика – Античкиот театар. Тој е артист што го има направено невозможното. Со карактеристичен блуз-вокал, има неверојатен број и комерцијални хитови: „Baila Morena“, „Senza Una Donna“, „Dune Mosse“ и уште многу други, а пред сè, квалитетот на изведбата и музиката се секогаш во прв план.
Цукеро е веројатно уникатен и по фактот дека е пејач којшто има зад себе остварено соработка со најголем број навистина неверојатно квалитетни артисти како: Ерик Клептон, Реј Чарлс, Стинг, „Јвин“, Џон Ли Хукер, Џеф Бек, Иги Поп, Брајан Адамс, Боно Вокс, Андреа Бочели, Енио Мориконе и други. Неверојатно, но вистинито.
Сите детали околу влезниците ќе бидат познати на 21 мај во 21 часот навечер.
ФОТО: Авалон продукција