САД се подготвени да соработуваат со Северна Кореја со цел постигнување мир на Корејскиот Полуостров, изјави денеска во Пјонгјанг американскиот државен секретар Мајк Помпео.
– Со децении бевме противници. Сега се надеваме дека ќе можеме да работиме заедно за надминување на конфликтот, да ги надминеме заканите и да го сториме тоа на начин што ќе и овозможи на вашата земја да ги добие сите шанси што ги заслужува вашиот народ, изјави Помпео на средба со поранешниот началник на севернокорејското разузнавање Ким Џонг-чол, кој сега е одговорен за меѓукорејските односи.
Ким, од своја страна, изјави дека Пјонгајнг има големи очекувања дека САД ќе играат „многу важна улога во постигнувањето мир на Корејскиот Полуостров“.
Како што синоќа најави американскиот претседател Доналд Трамп, цел на посетата на Помпео на Северна Кореја е да ги утврди деталите за неговата средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Претставник на јужнокорејската Влада изјави дека се очекува Помпео да отпатува од Пјонгјанг заедно со тројцата американски државјани, кои беа затворени во Северна Кореја.