Столтенберг: НАТО придонесе за намалување на илегалниот мигрантски прилив во Егејското Море

- Податоците од ОН покажуваат дека по присуството на бродовите на НАТО во Егејското Море од 2016 година, се забележува значително намалување на бројот на илегални преминувања - изјави Столтенберг

56
ФОТО: EPA/OLIVIER HOSLET

Со своето присуството во Егејското Море, НАТО дава свој придонес во имплементацијата на Договорот меѓу ЕУ и Турција и за значително намалување на илегалните преминувања на мигранти, оцени генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

– Податоците од ОН покажуваат дека по присуството на бродовите на НАТО во Егејското Море од 2016 година, се забележува значително намалување на бројот на илегални преминувања. Присуството на НАТО е важно, бидејќи помага во откривањето на нелегалните преминувања, а потоа ги известува грчката крајбрежна стража и турските власти, но и ФРОНТЕКС. изјави Столтенберг во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Според него, присуството на бродовите на НАТО во Егејското Море придонесува и за зајакнување на соработката меѓу Турција и Грција, како и меѓу Турција и ФРОНТЕКС. што е особено важно за справување со ситуацијата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, генералниот секретар на НАТО изразува загриженост за грчко-турските односи, односно за инцидентите во Егејското Море, но потенцира дека овие разлики треба да се решат со меѓусебни контакти на двете земји членки на Алијансата.

Столтенберг има идентичен став и во однос на прашањето со двајцата грчки војници кои од почетокот на март се наоѓаат во затвор во Турција, откако поради лошото време се изгубија и преминаа на турска територија.

– Постојат несогласувања, разлики меѓу сојузниците во НАТО, но мислам дека ова го покажува и начинот на кој функционира НАТО, кој има 29 сојузници и каде што сите одлуки се носат со консензус, така што, НАТО не располага со механизми за решавање на разликите меѓу сојузниците. Со тоа, ги повикуваме Турција и Грција, со овие прашања да се справат преку директен контакт меѓу нив, вели генералниот секретар на НАТО во интервјуто

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...