Седми роденден на Плусинфо

Денес сме горди на резултатите што ги постигнавме, особено на влијанието и кредибилитетот на Плусинфо, чиј издавач, Здружението на граѓани Член 16, успеа да изгради препознатлив водечки бренд на пазарот на интернет медиуми.

601

Информативниот портал Плусинфо денеска полни седум години. Овој роденден го дочекуваме во атмосфера во која Македонија е рангирана на 109-то место во најновиот Извештај за слобода на медиумите на Репортери без граници, што всушност, е напредок за две места во споредба со минатата година кога беше на 111-то место.

Иако во Извештајот се констатира дека „падот на режимот на Груевски доведе до намалување на владината контрола врз медиумите, сепак, се заклучува дека и покрај тоа што помина една година од владеењето на новата власт, „сѐ уште е рано со сигурност да се оценат владините намери да создаде трајно подобрување на ситуацијата“ со медиумите.

За време на режимот на Груевски, Македонија по втор пат беше исправена пред ситуацијата да ги спасува медиумите. Благодарение на визијата на поранешниот претседател на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Владимир Милчин, неколку критички настроени медиуми, меѓу кои и Плусинфо, беа одржани во живот. И всушност, тоа беа медиумите кои известуваа за желбата за промени кај граѓаните и беа прозорчето кон светот за време на десетгодишниот медиумски мрак.

Плусинфо останува медиум кој ќе ги поддржи заложбите на либералните политичари и на граѓанското општесво за целосна слобода на изразувањето, и како и досега со професионално известување и конструктивна критика ќе придонесе нашето општество да стане подобро место за живеење. Сите проблеми со кои се соочивме во овие години, нѐ научија дека со несмален ентузијазам треба да грабаме по вистината и по точните информации. Редакцијата на Плусинфо е составена од искусни и одговорни новинари, посветени на својата мисија.

Седмиот роденден го дочекуваме во ситуација во која и покрај пробојот на интернет медиумите и доминацијата над телевизиите, како и покрај болното и мачно згаснување на печатените изданија, он-лајн медиумите не се признаени како медиуми во Законот за медиуми.

За седум години, Плусинфо четири пати го смени својот лик. Свесни сме дека некому се допаѓа, некому не, дека можеби треба време читателот да се навикне, но ветуваме дека ова не е нашиот последен изглед.

Особено сме благодарни до нашата верна публика и до компаниите и институциите кои го препознаа Плусинфо како свој медиумски партнер и ја прифатија оваа платформа за да ги презентираат своите активности, услуги и кампањи. Со својата висока свесност за општествена одговорност тие ја поддржаа медиумската дејност и професионалното новинарство во Македонија.

Денес сме горди на резултатите што ги постигнавме, особено на влијанието и кредибилитетот на Плусинфо, чиј издавач, Здружението на граѓани Член 16, успеа да изгради препознатлив водечки бренд на пазарот на интернет медиуми.

И во следниот период остануваме исправени пред желбата да бидеме љубопитни и неуморни трагачи по вистината. Продолжува борбата за слободата на медиумите и за нивото враќање на вистинското скалило во општеството, како и борбата за вистинските вредности! Се читаме!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...