Одлуката за воведување санкции на САД кон Иран во врска со нуклеарната програма на Техеран, стапува во сила веднаш за нови договори, додека компаниите кои веќе работат со Иран ќе имаат неколку месеци да ги прекинат трговските односи со земјата, изјави советникот на американскиот претседател Доналд Трамп за национална безбедност, Џон Болтон.
Министерството за финансии на САД соопшти дека санкциите за веќе склучени договори со Иран ќе стапат во сила по преодниот период од 90 до 180 дена.
– Сосема е можно да следуваат и уште санкции ако добиеме нови информации. Сакаме да извршиме што е можно поголем економски притисок врз Иран и да го лишиме од пристап до приходите со кои ќе располагаше ако САД не се повлечеа од нуклеарниот договор. Не се разгледуваат никакви нови договори, рече Болтон.
За веќе склученитe договори, вклучувајќи ги и странските, кои се често европски компании кои инвестирале во Иран, преодниот период од три до шест месеци „е начин да им се даде можност да го напуштат“ Иран, додаде Болтон.
Новиот американски амбасадор во Германија, Ричард Гренел, кој вчера ја презеде функцијата, ги повика германските компании да ги прекинат своите активности во Иран.
Претседателот Доналд Трамп „рече дека санкциите ќе бидат насочени кон критично важни сектори од економијата на Иран. Германските фирми кои работат во Иран би требало веднаш да ги прекинат своите активности”, напиша Гренел на Твитер.
Германија е еден од главните економски партнери на Иран. Според податоци на Министерството за економија од 2016 година, германскиот извоз достигнал околу 2,6 милијарди долари, што претставува пораст од 26 отсто за една година.
Министерот за финансии на САД, Стивен Мнучин, објави дека одлуката на Трамп да ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор ги укинува дозволите на американската компанија „Боинг“ и нејзиниот европски ривал „Ербас“ за продажба на патнички авиони на Иран.
ФОТО: EPA-EFE/JIM LO SCALZO