Во понеделникот вечер се одржа балот Мет гала 2018, церемонија што датира од 1948 година и која многумина ја нарекуваат Оскари на модата, а претставува настан каде што голем број познати и влијателни ѕвезди, посебно дамите, одвај чекаат да прошетаат во креациите што ги избрале. Приходите од оваа манифестација одат во хуманитарни цели.
Дотерани во духот на годинашната тема „Небески тела: мода и католичката имагинација“, светските ѕвезди прошетаа на црвениот тепих на Мет гала 2018 година како чесни сестри, како папата и со тоалети украсени со крстови, крилја, ореоли и католички детали. Настанот се одржа во њујоршкиот музеј Метрополитен.
Покрај Ана Винтур, како почесни домаќини на вечерта беа Ријана, Амал Клуни и Донатела Версаче. А меѓу ѕвездите чиј изглед привлече најмногу внимание беа Ријана, Кејти Пери, Блејк Лајвли и Џенифер Лопез.
Познатите дами се дотераа така што идејата беше да се создаде дијалог меѓу модата и религиозната уметност. Тоа апсолутно и успеа на пејачката Ријана, чиј изглед на Мет гала е еден од најзборуваните. Таа на црвениот тепих чекореше дотерана во стилот на папата. Светските медиуми за неа коментираа: Изгледаше како да дошла од Модна недела во Ватикан.
Амал Клуни, заедно со сопругот Џорџ Клуни, беше меѓу првите што пристигнаа на церемонијата. Адвокатката на себе имаше комбинација на тоалета со панталони, нешто неочекувано од неа, што се толкува како нејзина подготвеност за експериментирање. Облеката е со потпис на Ричард Квин.
Мадона носеше црна тоалета од различни материјали, со мрежа преку лице од „Жан Пол Готје“. Една од позабележителните креации беше и таа на пејачката Кејти Пери, која на себе имаше огромни ангелски крила. Кејт Босворт пак изгледаше како принцеза.
Сестрите Џенер со својот изглед не се држеа до темата на вечерта, додека Ким Кардашијан делумно се прилагоди со фантастичен златен фустан припиен за телото на кој имаше крстови.
Актерката Блејк Лајвли го украде шоуто кога се појави при самиот крај на црвениот тепих во огромна и детално украсена црвено-златна тоалета, а во косата имаше еден вид тијара. Таа дојде во друштво на дизајнерот Кристијан Луботин. Во фустан во црвени нијанси се појави и пејачката Ники Минаж. „Мајката на змејовите“, Емилија Кларк, носеше црн фустан без ракави со златни и детали од ангели што наликуваа на делови од фрески. Сара Џесика Паркер беше во смела тоалета, златна со црвени срца и необичен католички украс на главата, додека Џенифер Лопез на церемонијата прошета во црн долг фустан со голем крст на средина направен од сини, жолти и црвени детали, а Рози Хантингтон Вајтли имаше ореол на главата.
На црвениот тепих се појави и уредничката на „Вог“, Ана Винтур, во долга, бела тоалета со кратки ракави. Ова е една од ретките, а можеби и единствена можност кога Винтур се појавува без препознатливите црни очила. Таа на Мет гала во Музејот Метрополитен беше меѓу првите гости. Меѓу првите гости беше и канадската водителка Келти Најт, кај која беше интересен детаљ тоа што носеше обетки со ликот на Ана Винтур, со препознатливите црни очила.