Мојот агент ми се јави и ми рече: „Ја запознав жената што доаѓа во твојата куќа, со која ќе се ожениш“, и тоа навистина се случи, раскажал неодамна актерот Џорџ Клуни во емисијата на Дејвид Летерман. Клуни, кој во неделата го прослави 57-миот роденден, ја запозна адвокатката за човекови права Амал Аламудин (40) во 2013 година кога нивниот заеднички пријател ја довел во куќата на актерот, која се наоѓа во близина на езерото Комо во Италија.
Несигурниот заводник
Актерот што се прослави со улогата на лекарот Даг Рос во „Итна служба“ кога првпат ја сретнал Амал не бил сигурен дали ѝ се допаѓа, а во тој момент биле присутни и неговите родители.
– Најсмешната работа беше тоа што мајка ми и татко беа кај мене на гости, па цело време беа со нас. Амал и јас разговаравме и така ја поминавме ноќта заедно во разговор – се присетил Клуни. Рекол дека ја добил имејл-адресата од Амал, бидејќи требало да му испрати фотографии од неговите родители, кои ги фотографирала во неговата викендичка. Потоа почнале да се допишуваат.
– Не знаев дали сака да излезе со мене. Мислев дека сме само пријатели – истакнал актерот. Неколку денови подоцна Џорџ и Амал отишле на своето прво рандеву во Лондон, а само шест месеци подоцна актерот ја запросил адвокатката.
– Ги направив сите работи што требаше, па дури и клекнав на едното колено – раскажал Клуни. Актерот пред запросувањето ѝ приготвил вечера на Амал, а свршеничкиот прстен со дијамантот од седум карати и платина сам го дизајнирал.
„Вечниот ерген“, како што дотогаш го нарекуваа, се ожени со Амал во септември во 2014 година, во хотелот „Аман канал гранде“ во Венеција. Меѓу гостите беа многубројни славни личности како Мет Дејмон со сопругата, Елен Баркин, Ана Винтур, Емили Блант и Џон Красински, Ричард Кинд, Стив Лукатер…
Децата и сопругата му се „број“
Клуни раскажал дека отсекогаш знаел дека ќе се венчаат токму во Италија, бидејќи таму и се запознале. Таткото на Амал, Рамзи, по венчавката рекол дека што побрзо сака внуци. Не било брзо, но три години подоцна, во јуни 2017 година Амал и Џорџ ги добија близнаците Ела и Александер. Клуни истакнал дека од раѓањето на децата, тие му се во центарот на вниманието, а пред да стане татко, „број 1“ му била неговата сопруга.
– Го чувствував истото за неа пред да ги добијам Ела и Александер. Таа е некој за кого апсолутно би го дал животот. Нејзиниот живот ми значи повеќе отколку мојот. Не сум имал такво искуство претходно – рекол актерот. Клуни додал дека Амал и тој не планирале деца и дека секогаш претходно мислел дека „потомците не се дел од неговата ДНК“.
– По венчавката разговаравме за деца и сфативме дека сакаме својата среќа да ја делиме со уште некој. Одлучивме да поработиме на тоа – раскажал Клуни, кој во 2014 година кога излегувал со Амал, рекол дека намера повторно да влегува во брак.
– Се оженив во 1989 година. Не бев добар во тоа. По разводот сфатив дека повеќе никогаш не сакам да се женам – раскажал актерот. Сега често истакнува дека не може да биде посреќен со својот живот, кој е сосема поинаков од оној пред да ја запознае Амал.
Клуни бил во врска со многу познати жени во Холивуд. Меѓу нив биле актерката Кели Престон со која и живеел, а која од 1991 година е сопруга на Џон Траволта. Како што своевремено рекол, Клуни „малку бил во врска“ со колешката Рене Зелвигер со која останал пријател.
Фото: EPA/ETTORE FERRARI