Шест лица се повредени, а четири други се уапсени при сериозни инциденти меѓу бегалци и мигранти, што се случија во текот на ноќта во прифатниот центар Лагадикија во близина на Солун.
Инцидентите, кои траеле околу еден час, започнале околу 2:30 часот по локално време (1:30 часот по средоевропско време), кога група мигранти од Алжир вознемирувале жени на курдски бегалци од Сирија.
Курдите, за да ги одбранат жените, со дрва и ножеви ги нападнале Алжирците. Двајцата полицајци задолжени за ред и мир во центарот, повикале засилување, а по интервенцијата на полицијата ситуацијата била смирена.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во инцидентот учествувале 200 до 250 лица. Шестмината повредени биле пренесени во болница, а полицијата уапсила двајца Сиријци и по еден Палестинец и Либиец.
Според грчките медиуми, проблемите во прифатните центри главно ги прават мигранти од Алжир и Мароко. Станува збор за Алжирци и Мароканци кои илегално влегле во Грција, тврдејќи дека се од Сирија. Самите сириски бегалци бараа од невладините организации и полицијата да не бидат во контакт со овие лица.
Како и поголемиот дел од бегалските кампови низ цела Грција, така и прифатниот центар Лагадикија е сместен во објектот на поранешна касарна