Претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев денеска треба да одржат втора средба за усогласување на ставовите околу изборот на гувернер на Народната банка на РМ, кој треба да биде заокружен на крајот на месеци, потврдија од кабинетот на премиерот.
Средбата е на барање на Заев, откако владејачката парламентарна група се изјасни дека не го поддржува предлогот што неодамна го даде претседателот Иванов актуелниот гувернер Димитар Богов повторно да ја извршува оваа функција.
– Ова е сериозна институција, јас верувам дека по пат на кохабитацијата и дијалогот којшто го имаме ќе изнајдеме решение. Правото е апсолутно на претседателот да предложи, но правото е и на парламентарното мнозинство да избере гувернер – изјави завчера Заев одговарајќи на новинарски прашања.
Оваа институција, дополни, мора да ја држиме професионална. Разговараме за експертски решенија, не за партиски решенија, кои што и понатаму би ја чувале монетарната политика стабилна, затоа што и нас како Влада тоа ни е од голема важност за да можеме да ги креираме другите економски политики, наведе Заев.
Тој вели дека за предлогот на Иванов се информирал од медиумите и оти немале повторна средба по одржаната во март кога шефот на државата му кажал со кого разговара и со кого имал намера да разговара.
– Тогаш заклучивме дека прво треба тој да разговара со актуелниот гувернер Богов дали ќе прифати. Ако прифати Богов и претседателот одлучи да го предложи, би ми соопштил мене за да разговарам со парламентарното мнозинство. Јас за одлуката слушнав од Собранието и од медиумите. Значи немавме втор разговор, за после неговата одлука да направиме фаза на подготовка, разговори со парламентарното мнозинство. Како за предлозите за Уставен суд, така се случи и со предлогот за гувернер на НБРМ, се информиравме од медиумите – беше објаснувањето на Заев.
Претходно кабинетот на претседателот соопшти дека Иванов повторно го предлага Богов за гувернер на Народна Банка на Република Македонија, за што одлучил по консултации со Сојузот на Стопански Комори, Стопанската комора на Македонија,Здружението на банкарството, МАНУ и со други релевантни фактори од оваа област, притоа водејќи се исклучиво од квалитетот и професионалноста на личноста која ја предлага.
– Водењето на монетарната политика и севкупното централнобанкарското работење во нашата држава, во континуитет е позитивно оценувано во извештаите на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија. Од 2015 година па наваму, Народната банка на Република Македонија, според оценките на ЕК, бележи одличен напредок во остварување на своите цели и задачи, во согласност и со законодавството на ЕУ. Во тој контекст особено е нотирано постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност, одржувањето на девизните резерви, одржувањето на фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото и користењето на операциите на отворениот пазар и задолжителната резерва. Позитивно се оценува и усогласувањето на правната рамка на монетарната политика со легислативата на ЕУ, и активностите за обезбедување функционална и институционална независност на централната банка – соопшти Кабинетот на Претседателот.
Богов, кој е гувернер на Народна банка на Република Македонија од 2011 година, неодамна во одговор на новинарско прашања рече дека очекува нов гувернер да биде избран во предвидениот рок и притоа да се почитува законот за НБРМ. Институцијата, посочи, не смее да се остави без прв човек, бидејќи тоа би имало негативни импликации врз економијата на државата.
Седумгодишниот мандат на актуелниот гувернер истекува на 21 мај годинава.
Согласно Законот за НБРМ, гувернерот се избира на предлог од Претседателот, кој го доставува до Собранието и се гласа на седница со просто мнозинство.
Пред Богов, досега функцијата гувернер на НБРМ ја извршуваа Борко Станоевски, Љубе Трпески и Петар Гошев