На прашањето, дали ќе биде поддржан предлогот на претседателот за гувернер на НБРМ, Заев рече дека со Иванов имал состанок кон крајот на март во врска со тоа прашање.
– Знаат граѓаните дека предлагач на гувернерот е претседателот, а парламентарното мнозинство го бира. Тогаш заклучивме дека прво треба тој да разговара со актуелниот гувернер Богов дали ќе прифати. Ако прифати Богов и претседателот одлучи да го предложи, би ми соопштил мене за да разговарам со парламентарното мнозинство.
Јас за одлуката слушнав од Собранието и од медиумите. Значи немавме втор разговор, за после неговата одлука да направиме една фаза на подготовка, разговори со парламентарното мнозинство. Како за предлозите за Уставен суд, така се случи и со предлогот за гувернер на НБРМ, се информиравме од медиумите.
Јас одржав координација со парламентарната група и таа не го прифаќа кандидатот Богов за нов гувернер. И побарав веднаш средба со претседателот Иванов. Се надевам дека брзо ќе се видиме за да можеме да усогласиме став затоа што до крајот на мај треба да се избере гувернер – рече премиерот.
Заев верува дека по пат на кохабитацијата и дијалогот којшто го имаат ќе се изнајдеме решение.
– Оваа институција мора да ја држиме професионална. Разговараме за експертски решенија, не за партиски решенија, кои што и понатаму би ја чувале монетарната политика стабилна, затоа што и нас како Влада тоа ни е од голема важност за да можеме да ги креираме другите економски политики – истакна Заев.