Ни на шега не може да се рече дека сум го убил. Десет минути пред тоа беше мртов. Му немаше спас. Јас го исклучив од апаратите кои го одржуваа во живот, изјавил некогаш Предраг Лалевиќ, лекарот кој го исклучи од апаратите доживотниот претседател на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито.
Лалевиќ бил член на лекарскиот конзилијар на Тито, кој цели 16 години му бил личен доктор на Маршалот. Тито умре на денешен ден во 15.5 часот. Маршалот на апарати бил 68 дена. Храна добивал преку инфузија.
За настаните од тогаш, по неколку години, во една германска болница, Лалевиќ проговорил дека мртов со денови го држеле на апарати.
– Мозокот му беше жив и тоа беше медицинско оправдување зошто се до тогаш не го тргнав од апаратите – рекол тој.
Но, тоа не била единствената причина.
– Државниот врв е важен не само секој ден, туку и секој час – рекол лекарот на Тито.
Во тоа време политичката ситуација бела тешка и комплицирана. Имало борба за власт, Стане Доланц, еден од највлијателните луѓе во југословенската политика во тие 70. и 80-тите години, во позадина создаваше атмосфера на страв. Додека Тито уште беше во живот, се проширија гласнини како од Бугарија, во три колони, руски тенкови се пробиваат на бугарско- југословенската граница.
Како Тито реагирал кога дознал дека ампутацијата би му го продолжила животот, Лалевиќ вели:
– Откако стигнавме во Љубљјана, отидовме право во Клиничкиот центар и направивме снимика на артеријата на левата нога. Бидејќи ситуацијата на артериите беше лоша, му предложивме на претседателот операција што тој ја одби. Ние тогаш имавме консултации со професори од САД и Москва. Тие предложија ампутација. А, ако тој не се согласи на тоа, ни оставија еден предлог за пресадување на крвен сад, но со многу мали шанси за успех. Оваа операција како и што се очекуваше, не успеа, а тој и понатаму ја одбиваше ампутацијата. Откако ја виде својата потколеница која беше сина со големи пликови на кожата, рече: „ правете што треба“ -се присетува доктор Предраг Лалевиќ.
По ова, на Тито му ја ампутирале ногата.
– Операцијата помина без инцидент и тој почна да прима посети на интензивна нега. Го посетија и синовите Жарко и Миша. Веќе почнавме да размислуваме да заминеме на Брдо, кога почнаа компликациите. Најпрво со бубрезите, а потоа и со другите. Претседателот беше на апарати 68 дена. Ако предвидуваме колку можеше да живее доколку веднаш се согласеше на ампутација тоа би било само шпекулација. Темата смрт никогаш не беше спомената во неговите разговори, освен што кога ја одбиваше операцијата рече: „јас доле, покажувајќи со прс надолу, одам само како едно парче“, раскажал докторот.
Пред смртта Тито јадел храна за астронаути која му ја носеле од Хјустон. Јоже Осели, батлерот на Тито, за неговата исхрана се грижел се до неговата смрт. Тој вели дека Тито немал посебно барање кога станува збор за храната.