Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека местото и датумот за неговата средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун се веќе утврдени и дека наскоро ќе бидат соопштени.
Белата куќа претходно информираше дека средбата Трамп-Ким би можела да биде одржана во текот на овој месец, доколку Пјонгјанг направи отстапки во врска со нуклеарната програма и со другите прашања за кои има несогласувања со САД.
Околу најавите за можно скоро ослободување на тројцата Американци затворени во Северна Кореја, Трамп на средба со новинарите пред Белата куќа изјави дека е „направено многу“ во врска со тоа прашање.
– Водиме доста заначајни разговори со Северна Кореја и досега е направено многу во врска со заложниците. Мислам дека ќе бидеме сведоци на доста добри работи – додаде Трамп.
Американските власти изминативе денови соопштија дека ги проверуваат информациите оти тројцата Американци биле префрлени од работен логор во хотел во близина на Пјонгјанг.
Според најавите, се очекува тројцата Американци да бидат ослободени пред средбата Трамп-Ким.