Американскиот претседател Доналд Трамп наредил Пентагон да подготви варијанти за намалување на бројот на американските војници во Јужна Кореја, изјавија за „Њујорк Тајмс“ повеќе извори од Министерството за одбрана.
Според изворот, не се очекува намалувањето на воениот контигент на САД да биде во фокус на разговорите за оружената програма на Северна Кореја. Изворите наведуваат дека евентуален мировен договор меѓу Северна и Јужна Кореја може да ја намали неопходноста од распоредување 28.500 американски војници на корејскиот полуостров. Но сметаат дека евентуално целосно повлекување е малку веројатно.
Во моментот, Вашингтон и Сеул водат преговори за цената на воените сили. Според договорот, кој завршува кон крајот на годината, Јужна Кореја плаќа околу половина цена, односно над 800 милиони долари за година.
Администрацијата на Трамп, сака Сеул да ги преземе речиси сите расходи на американското воено присуство.
– Евентуално повлекување војски ќе има многу полза за Трамп, вели Виктор Ча, универзитетски професор во Џорџтаун кој беше еден од кандидатите за амбасадор во САД во Сеул
– Со таква одлука, американскиот претседател ќе добие позитивни реакции од избирачите, ќе заштеди пари и ќе даде важна насока во преговорите со Ким, но тоа ќе биде големо ослабување на сојузот меѓу САД и Јужна Кореја додава Ча.
Владата на Јужна Кореја нагласи оваа недела дека воениот контигент на САД е неопходен и нема да биде повлечен дури ако биде склучен мировен договор со Северна Кореја.