По речиси една деценија, Либанците в недела ќе излезат на гласачките места за да изберат 128 членови на парламентот.
На 6 мај, повеќе од 3,6 милиони регистрирани гласачи ќе можат да изберат меѓу 583 кандидати, поделени на 77 листи во 15 области, со 27 подобласти.
Според новиот закон, донесен во јуни, новиот парламентарен состав ќе биде избран според пропорционалниот систем, односно партиите ќе освојат онолку пратенички места согласно процентот на освоени гласови.
Новиот закон предвидува секој избирач да одбере една листа и мора да даде еден преференцијален глас за еден кандидат од таа листа. Според досегашниот закон, победниците во секоја изборна единица ги добиваа сите пратенички места, поради што оние кои се во малцинство не можеа да добијат ниту еден пратеник во таа единица.
Новиот закон, кој посебно ги поттикнува жените да се кандидираат, по првпат предвидува можност да гласаат и Либанците од дијаспората, наведува Радио Слободна Европа. За Либанците од дијаспората, дел од изборните места се отворени од 27 април и досега, повеќе од 66 проценти од 12.615 регистрирани гласачи кои живеат во шест арапски земји го дадоа својот глас.
Во изборната трка учествуваат 583 кандидати, од кои 111 жени, што е за седумпати повеќе отколку во 2009 кога имаше само 15 меѓу 702 кандидати.
Текот на гласањето ќе го следат независни набљудувачи од Либанското здружение за демократски избори и набљудувачката мисија на ЕУ.
Првите резултати ќе бидат објавени на 7 мај, кој е прогласен за празник.
Избори ќе бидат први по речиси една деценија турбулентна политика. Од 2009 година, Либанците двапати доживеаја колапс на владата (во 2011 и 2013 година), претседателството беше без именуван состав 29 месеци (од 2014 до 2016 година), а пратениците го продолжуваа својот мандат неколкупати.
ФОТО:EPA-EFE/NABIL MOUNZER