Џулијани: Северна Кореја денеска ќе ослободи тројца американски затвореници

50

Северна Кореја денеска ќе ги ослободи тројцата Американци, кои со месеци се во притвор во земјата, изјави членот на правниот тим на американскиот претседател Доналд Трамп и поранешен градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани.

Неговата изјава доаѓа во момент кога се зголемуваат очекувањата дека Пјонгјанг би можел да направи таков гест во пресрет на средбата на Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, што би требало да се одржи наредните недели.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс не можеше да потврди дали е можно ослободување на Американците од притвор во Северна Кореја, но оцени дека тоа секако би бил „неверојатен чекор“ и знак на добра волја.

Раководителот на Асоцијацијата на семејствата на јужнокорејски граѓани, за кои се претпоставува дека биле киднапирани од страна на севернокорејските специјални служби, вчера изјави дека Северна Кореја префрлила од затвор во хотел тројца американски затвореници.

Тројцата Американци, кои во Северна Кореја се осудени поради шпионажа и непријателски активности, биле префрлени на почетокот на април од затвор во хотел во близина на Пјонгјанг.

Според локалните медиуми, двајца од притворените Американци работеле на Универзитетот за наука и технологија во Пјонгјанг. Во 2017 година, тие биле уапсени под обвинение за непријателски активности. Третиот американски државјанин бил уапсен во 2015 година и отслужува десетгодишна затворска казна поради шпионажа.

Преговорите за нивно ослободување се одвиваат со посредство на Шведска, која ги претставува интересите на САД во Северна Кореја.

Американскиот весник „Волстрит Џурнал“ пред неколку дена објави дека на неодамнешниот состанок меѓу тогашниот директор на ЦИА, Мајк Помпео, сегашен американски државен секретар, севернокорејскиот лидер изразил подготвеност да ги ослободи тројцата Американци. Според плановите на Северна Кореја, нивното ослободување може да се совпадне со планираната средба меѓу Ким и Трамп.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...