Во Извештајот на ЕК е нотиран напредокот поврзан со финансиската поддршка од Владата за подобрување на локалните услуги со зголемување на буџетските трансфери за општините за оваа година за 6,4 отсто, како и зголемените средства за рамномерен регионален развој. Продолжува процесот на децентрализација за создавање на услови за поактивна, поефективна и поиновативна улога на локалните власти во остварувањето на националните цели за раст и развој, соопшти Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ, во Брисел.
-Чистата препораката на Комисијата за нас претставува признание за спроведените реформи и за подготвеноста да ги започнеме пристапните преговори – рече Фазлиу.
Министерот истакнал дека Владата на Република Македонија и понатаму ќе се фокусира на продолжување на реформскиот процес, а сите забелешки од Извештајот ќе бидат водилка за работа и за успех.
Фазлиу истакнал дека основниот плански документ на Владата за натамошен развој на локалната самоуправа, Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација се ревидира, согласно приоритетите на Владата, а паралелно се финализираат и активностите за изработка на нов Акциски план за периодот 2018-2020, преку меѓуресорска консултација и во соработка со ЗЕЛС.
– Следните предизвици кои што произлегуваат од програмските определби на Владата се децентрализацијата во областите во кои што граѓаните и бизнис заедницата ќе можат да добијат поквалитетни и поефикасни услуги на локално ниво, како и зајакнување на капацитетите и подобрување на финансиската стабилност на општините – рече министерот Фазлиу.
Зборувајќи за финансиската поддршка на Европската Унија преку ИПА инструментот за прекугранична и територијална соработка, министерот Фазлиу истакна дека во моментот се спроведуваат 144 проекти кои во перспектива обезбедуваат подобри меѓусоседски и регионални односи, ја унапредуваат соработката во сферата на бизнисот и размената во областа на културата и животната средина.
Членот на Европскиот парламент Иво Вајгл истакна дека ова е добар период за земјите од Југоисточна Европа затоа што сите индикатори се исполнети дури и за забрзување со проширувањето.
-Проширувањето на ЕУ со сите земји од европскиот континент е светлото што не води и отвара можности и за земјите и за самата Европска Унија – рече Вајгл.
На состанокот говореа и двајцата копретседавачи, од Македонија, градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски, а од Европската Унија, градоначалничката на словенечката општина Трбовље, Јасна Габриќ.
-Можеме да бидеме оптимисти затоа што процесот на проширување добива нов поттик. Напредокот на вашата земја не остана незабележан, а вратите на Европска Унија остануваат отворени – рече Габриќ.
Копретседавачот на Комитетот, градоначалникот на општина Штип Бочварски, истакна дека сега е вистинскиот момент да продолжат започнатите реформи и на централно и на локално ниво.
-Соочени сме со значајни предизвици како што е децентрализацијата и соодветното финансирање на општините, , искористувањето на европските фондови и развивањето на локалната демократија – рече Бочварски.