Иран нема повторно да преговара со светските сили за Договорот од 2015 година, изјави денеска шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф.
– Иран нема повторно да преговара за тоа што беше договорено пред неколку години и беше спроведено… ние исто така ќе одбиеме каква било негова ратификација – посочи Зариф во пораката објавена Јутјуб.
Тој додаде дека САД „доследно го кршат нуклеарниот договор“.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 12 мај ќе одлучи дали САД ќе се повлечат од мултилатералниот Договор за иранската нуклеарна програма. Тој претходно спогодбата со Иран ја оцени како „најлош договор склучен некогаш“ и се закани дека ќе воведе нови санкции кон Техеран, освен ако европските сојузници Велика Британија, Франција и Германија не се согласат на измени. Повторното воведување на санкции кон Иран, најверојатно би значело крај на Договорот.
Кон крајот на април во телфонски разговори на францускиот претседател Емануел Макрон со британската премиерка тереза Меј и германската канцеларка Ангела Меркел беше потенцирано дека важечкиот договор со Иран е најдобар можен начин да се спречи Техеран да се стекне со нуклеарно оружје. Но, тие истакнаа и дека Договорот со Иран може да биде проширен на балистичките проектили.
И рускиот Владимир Путин претходно посочи дека во целост треба да биде зачуван и стриктно имплементиран Договорот за иранската нуклеарна програма.
Фото: EPA/STR