Бектеши: Со новиот Закон за енергетика, семејствата и малите потрошувачи ќе имаат право да изберат снабдувач

277

Новиот Закон за енергетика на граѓаните им обезбедува сигурно и квалитетно снабдување со енергија, безбедно и ефикасно работење, одржување и развој на преносните и дистрибутивните системи на електрична енергија, природен гас и топлинска енергија, ги штити правата на корисниците на електрична енергијата – им овозможува на граѓаните право на избор, особено на ранливите потрошувачи, овозможува ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор и целосна либерализација на производството, снабдувањето и трговијата со енергија, рече министерот за економија Крешник Бектеши пред пратениците, образложувајќи го новиот Закон за енергетика.

Тој додаде дека законот е во согласност со европското законодавство, односно дека Македонија, со новиот закон за енергетика ја презеде обврската за усогласување на националното законодавство со енергетското законодавство на ЕУ, со кој ќе биде извршено целосно усогласување со таканаречниот Трет пакет на директиви со кои се уредуваат енергетските пазари во ЕУ. Новиот закон создава законска рамка за натамошен развој на енергетскиот сектор во Република Македонија и негово целосно вклучување во регионалните енергетски пазари, а со тоа и во внатрешниот енергетски пазар на ЕУ.

Од Законот за енергетика, освен домаќинствата, додаде Бектеши корист ќе имаат особено малите и средни претпријатија, кои, исто така, ќе имаат право да изберат снабдувач на електрична енергија и природен гас, а се предлага и усвојување на Годишен план со мерки кои ќе треба да се преземаат, за намалување на енергетската сиромаштија, вклучувајќи и субвенции за потрошена енергија посветена на семејства со економски потешкотии. Во текот на изградбата на нови објекти за производство на енергија и дистрибуција на електрична енергија со овој закон се бара исполнување на условите во поглед на заштита на животната средина и климатските промени, во согласност со посебните закони.

Истовремено, со цел да се постигне масовна употреба на обновливи извори на енергија, и поради заштитата на животната средина, се предвидува освен производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија наменета за лична потрошувачка, вишокот на енергија да се пренесува во дистрибутивната мрежа за електрична енергија под услови и во согласност со овој закон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...