По депортацијата на шестмината турски државјани од Косоово, кои официјална Анкара ги смета за следбеници на движењето кое го предводи верскиот лидер во егзил, Фетулах Ѓулен, во Косово зголемен е бројот на барањата за азил од страна на турски државјани.
Според Тв7 само во текот на изминатиот месец во Центарот за азил 36 турски државјани побарале азил,но не се знае дали тој статус ќе им биде одобрен од косовските власти.
– Меѓу оние кои побарале азил е и Хасан Хисен Демир,кој бил на списокот за депортација,но се спасил поради грешка на полицијата,која на негово место го уапсила Хасан Хисен Гинакан.Во меѓувреме Хасан Демир продолжува со работа во колеџот „Мехмет Аќиф“, наведува телевизијата.
Раководителот на Центарот за Азил,Фитим Зариќи,потврдува дека 36 турски државјани побарале азил, но само мал број од нив престојуваат во кампот во Магуре.
И депортираните шесмина турски државјани се дел од професорите во турските колеџи кои функционираат во Косово.
Поради нивното апсење и депортација, за што не бил информиран премиерот Рамуш Харадинај,оставка по негово барање поднесе директорот на косовската тајна служба,Дритон Гаши,по што на негово место беше наименуван Шпенд Маџуни,кој дојде од функцијата генерален директор на косовската полиција.
Сменет беше и првиот полицаец Фљамур Сефај,на чие место дојде Бејтуш Гаши, дотогашен заменик министер на безбедносните сили на Косово.
Колкав е бројот на турски државјани кои турските власти ги бараат да бидат депортирани од Косово не се знае. Од Албанија турските власти бараат депортација на 500 „ѓуленисти“