Нова офанзива против ИСИС во Сирија

137

Сириските демократски сили (СДФ), коалицијата борци во која доминираат Курдите и е поддржана од САД, објави дека ја почнува „последната фаза“ од офанзивата против Исламска држава на истокот на земјата.

Откако ја преземаа контролата врз голем дел од покраината Деир ез Зор во 2014, џихадистите на Исламска држава во 2017 почнаа да губат територии во таа голема пустинска област во близина на Ирак пред офанзивата на СДФ од една и режимските сили и нивните сојузници од друга страна.

Според Сириската опсерваторија за човекови права, Исламска држава контролира уште десетина населби на истокот на земјата.

– Нашите сили ја почнаа заедно со силите на меѓународната коалиција последната фаза“ од кампањата против Исламска држава, соопшти воениот совет на СДФ во Деир ез Зор. „Нашите сили ќе ги ослободат тие зони и ќе ја обезбедат границата со Ирак еднаш засекогаш – изјави портпаролот на СДФ.

Командантот на воениот совет на СДФ Ахмед Абу Кавла кажа дека меѓународната коалиција, вклучувајќи ги француските сили, го зголемила бројот на војници и дека ќе бара поддршка од СДФ во таа „последна фаза од операцијата“.

Американскиот министер за одбрана Џим Матис во четвртокот кажа дека во последните две недели француски специјалци биле испратени како засилување во Сирија.

СДФ се позиционирани на источната страна на Еуфрат, реката која ја сече покраината Деир ез Зор на два дела, а прорежимските на запад. Самиот град е во рацете на сириската војска, која го ослободи во ноември.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...