Српскиот коментатор Зоран Чичак ја анализира новата стратегија на ЕУ за Западен Балкан.
Долготрајното робување и лошото управување може толку да го збунат и унаказат разбирањето на еден народ што здравиот разум и вистинскиот суд во него се истенчуваат и слабеат, и потполно се извитоперуваат. Таков пореметен народ веќе не може да го разликува не само доброто од злото, туку ни својата сопствена корист од очигледната штета.
(Иво Андриќ, „Знаци покрај патот“)
Упориштето на организираниот криминал на Западен Балкан останува силно, како во однос на трговијата со луѓе, дрога и оружје, така и во поглед на ризиците од криминална инфилтрација во политичките и економски системи.
За тоа каде престанува Европа, а почнува Балканот, никогаш не постоела согласност. Така, на пример, германските протестанти со векови биле убедени дека таа граница се наоѓа во Минхен: оваа метафора всушност значела дека „католичко-австриската несовесност“ почнува веќе во Баварија за на Балканот само да се развие „во уште погрозни облици“, коментира Зоран Чичак за Мој избор.
Австрискиот канцелар на почетокот на 19 век, кнезот Метерних, еднаш рекол: „Балканот започнува на Ренвеге“ (улица во виенската 3 област). Во романот „Дракула“ Брем Стокер ја постави границата на будимпештанските мостови преку Дунав. Позната е и словенечката изрека: „Балканот започнува на хрватската граница“. Во патописите на прускиот капетан Ото Дубислав фон Пирх, кој во 1829 преминал од Земун во Белград, било забележано и ова:
„Страшна граници ме одвојуваше од цивилизираниот свет, иако поминав само неколку чекори“.
За денешната Европска унија, со чиј документ „Кредибилна перспектива на проширувањето и зголемен ангажман на ЕУ во Западниот Балкан“, ќе се бавиме тука, поимот „Западен Балкан“ е исто така волунтаристички (не)одреден, како што тоа било и во сите претходни примери.
„Западен Балкан“ е заедничко име за четири поранешни југословенски републики кои сега се – барем на хартија – некакви држави (Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија), една поранешна автономната покраина (Косово) и една поранешна комунистичка држава (Албанија), која ниту во Варшавскиот договор не се снаоѓаше баш најдобро, па дури и го напушти, пред точно педесет години, во 1968.
Документот што го објави Европската комисија во вторникот, на 6-ти февруари, ќе го разгледаме со обид да ги проблематизираме неговите три клучни аспекти:
1. Какви промени предвидува овој документ за земјите за кои се однесува?
2. Кои би можеле да бидат последиците од овие промени за самата Европска Унија?
3. Каков е неговиот став кон некои други документи кои се однесуваат и на Балканот?
Под претпоставка дека авторите на документот биле искрени, и дека мислеле сериозно, не може да го избегнеме првиот впечаток: констатацијата за состојбите од кои тргнува ЕУ веројатно се најострите од сите досегашни.
Да почнеме, на пример, од оваа (страница 3:
„Денес, земјите покажуваат јасни елементи на заробени држави, вклучувајќи ги врските со организираниот криминал и корупцијата на сите нивоа на владите и администрацијата, како и силна поврзаност со јавниот и приватниот интерес. Сето ова ги потхранува чувствата на нееднаквост и неказнување“.
И, ако само површно разгледаме неколку актуелни судски фарси во регионот: една е во случајот на Савамала во Белград, потоа таа за судењето на Насер Кељменди во Приштина, или онаа за наводниот државен удар во Подгорица, сосема е јасно на кој вид на „заробена држава“ мислеле авторите на документот. На држава под фантомка.
Значи, првото прашање што непристрасен набљудувач би го поставил на авторите на овој документ би бил: „Како очекувате заробени држави да ги ослободат тие кои самите ги заробиле?“
На страница 4. Документот продолжува:
„Упориштето на организираниот криминал во Западниот Балкан останува силно, како во однос на трговија со луѓе, дрога и оружје, така и во поглед на ризиците од криминалната инфилтрација во политичките и економски системи“.
Ако го погледнеме текот на истрагата на американскиот ФБИ во Тирана и повеќето индиции кои се појавуваат во случајот на убиството на Оливер Ивановиќ во Косовска Митровица, јасно е на кои „врски со организираниот криминал”, мислат авторите: на т.н. „лидери во регионот“ дрогата само уште од ушите не им излегува …
И еве повторно прашање од непристрасен набљудувач за авторите на документот на ЕУ: „Што мислите, од кого најмногу се плашат балканските лидери: од вас или од своите снабдувачи со суров опиум од Чеченија?”.
Ајде да одиме понатаму – во делот за „помирување, добрососедски односи и регионална соработка“ (стр 7.) пишува:
„Нема место во ЕУ за провокативна реторика а уште помалку за величење на воените злосторници од било која страна. Процесот на транзициската правда е незавршен“.
И ако повторно површно го видиме отпорот за воспоставување на суд за воени злосторства на ОВК во Косово, опскурни споменици, имиња на улици и домови во двата ентитета на Босна и Херцеговина, промоција на книги на осудените воени злосторници на трибини на СНС во Србија – повторно јасно е на што, и на кого, мислеле авторите на документот.
Но, нашиот непристрасен набљудувач повторно ќе мора да им постави прашање слично на претходното: „Како вие очекувате со културата на национална и верска омраза и злосторства да се справат тие кои токму на таа култура ги направија нивните кариери, компании, богатство и клиенти? Како тоа да го сторат идеолошки, а понекогаш и биолошки, наследниците на тие кои извршиле злосторства? “.
Веќе овие два аргумента јасно ја покажуваат клучната слабост на документот, кој може да се сумира во народната поговорка за козата на која ѝ дале да чува зелка.
Затоа, Европската унија несомнено ја радикализирала својата реторика, но допрва треба да се види што таа навистина значи – обична бирократскс фраза, како и многупати досега, или подготвеност зборовите да се пропратат со дела, а тоа во овој случај значи дека , во соработка со специјализираните агенции и служби, причините за проблемите на Балканот ќе се решат трајно таму каде што настанале – во политичките врвови.
Преоѓаме на вториот од трите дискурси во кои ќе го посматраме документот на ЕУ за Западен Балкан: што може тој да значи за самата Унија?
Ајде да направиме мал експеримент: ако „државите“ од Западен Балкан дури и формално ги исполнат сите услови утврдени во Ддокументот, а при тоа не се променат самите, ако нивните социјални и политички структури останат како што се денес, што би добила Европската унија , 2025, или било која друга година?
Најверојатно, би добила уште земји-членки кои се, во поголемиот дел од маркерите кои Умберто Еко ги спомнува во својот есеј „Вечен фашизам“ (1995), веќе толку длабоко во примитивниот популизам што се на самиот раб на фашизмот. Би добила нови полски и нови унгарски, нови ретроградни закони, нови убиени новинари, нова корупција, нови свастики, нови теории за расна чистота, крв и почва и теократски фантазмагории. Би го добиле сето она од што се грозат кај самите нив, а на што цинично ги затвораат очите во своето соседство.
На ова веројатно сите „лидери од регионот“ во глас би крикнале: па што, ете, ја примија Хрватска која е иста таква, па таа не им пречи? Тој аргумент – што инаку често го користат – има тежина како и одбраната на провалник на киоск, кој му вели на службеникот дека во друг дел од градот, некој друг провалник крши друг киоск. Точно е дека Хрватска не е далеку од Полска и Унгарија, и е секако многу поблиску до секоја од земјите од Западен Балкан отколку што е, на пример, Холандија, но тоа само по себе не е изговор за неактивноста.
Гласачите на земјите на ЕУ мора сериозно да размислат дали сакаат својата заедница (која, како што видовме, таква каква е, е далеку од совршена и полна со сопствени проблеми) да ја контаминираат со прием на уште шест држави кои би биле копии на Украина, Полска, Унгарија или Хрватска. Тоа што се појави во Европа како инцидент, така би се заканило да стане правило.
Затоа од пресудно значење е дилемата: дали ЕУ ќе ја радикализира реториката за Документот и ќе ги материјализира во политичката практика, а со тоа да доведе до радикална промена на политичките елити во регионот на Западен Балкан, или не.
Бидејќи, продолжување на политиката на „стабилократија“ кон овој дел на Европа нема да го цивилизира – напротив, ќе ја „балканизира“ Европа уште повеќе.
И тука доаѓаме до третиот и последен, дискурс на оваа анализа. Што значи овој документ на ЕУ за Западен Балкан во поширок геополитички контекст?
Во почетокот на ноември, на пример, се појави сличен докумен на Атлантскиот совет на САД. Иако, површински, вредносните определувања се исти или слични, очигледно е дека американскиот документ е многу подиректен од европскиот. Во него директно, и тоа повеќепати се споменува т.н. „руска закана“, со бројни примери во кои тоа се илустрира.
Во документот на ЕУ сето тоа го нема. Оценките се исплакнати, политички коректни, често се толку полни со баналности и општи места што е тешко да се читаат. Само доволно искусен читател во разбирање на пораките поставени меѓу редовите е во состојба да го сфати вистинското значење на некои од нив.
Турција и Кина во Европа системски фактор на ризик поголем од Русија
Аналитичарите на ЕУ знаат многу добро (а политичарите се плашат се што знаат и да не го објават) дека на Западен Балкан не се работи само за „руска закана“ туку за комбинација на длабински ефекти од заедничката руска, турска и кинеска и економска политика .
Овие ефекти се разорувачки за интересите на ЕУ и секоја од овие земји: се поттикнуваат нивните меѓусебни конфликти, формираат параполитички и паравоени организации засновани на верски (православен и исламски) фундаментализам, го олеснува нетранспарентниот влез на капиталот со сомнително потекло, финансиските организации кои се длабоко вклучени во практиките на перење пари и индустриите кои не се во согласност со животната средина, кои не ги почитуваат ниту еколошките стандарди или минималните правила за заштита на работа.
Со други зборови, истите колонијални практики кои „старата Европа“ во деветнаесеттиот век, го извезуваше во Африка и Азија, во 21 век Русија, Турција и Кина го извезуваат во Европа. А тој трансфер започна на југоисточните порти на Европа, на Балканот.
На неколку места во документот, авторите бараат од земјите од Западен Балкан да престанат да седат на две столчиња. Меѓутоа, проблемот е покомплексен од оваа дилема формулирана во едноставен бинарен модус: од другата страна, имено, има повеќе столови. Како што може да се заклучи од серија на оперативни сознанија во изминатата година, Турција и Кина во моментов се гледаат во Европа како системски фактор на ризик поголем и од самата Русија.
Ние често, со поголема или помала доза на скриена фрустрација, сакаме да зборуваме дека „Балканот е дел од Европа“”, не само географски, туку и историски.
Меѓутоа, перцепциите прифатени западно од Соча и северно од Алпите се сосема различни од нашите. Балканот, долго пред војните за југославенското наследство, таму е виден како гранична област меѓу Западот и Ориентот, како еден вид на „меѓуземја“ за која не се знае дали сè уште е во Европа, или можеби во Азија, како идеална сценографија за вампири, вукодлаци, инцести и таткоубијци …
Премногу блиску и слично, за да биде сметан за колонија која може да биде целосно и засекогаш напуштена како Индија или Алжир, а сепак премногу далеку и различна за да биде третирана како еднаква, Балканот денес за Европа е тоа што беше внатрешноста на Африка за Британија пред два века: област создадена за различни европски авантуристи. За дипломати кои направиле грешка, па треба да ја отслужат казната некаде; новинари кои го компензираат недостатокот на факти со богатството на нивната имагинација; шпиони од втората или третата класа кои одеднаш се заљубуваат во средовечни советнички на министри и премиери; бизнисмени кои од темно сините и сиви костуми од Лондон намерно се преоблекуваат во виолетово, за да не се издвојуваат од домаќините со кои тераат бизнис.
Парадигмата што се обидовме да ја опишеме најдобро се виде минатото лето, во случајот на мигрантска криза. Ако девојчето од Авганистан загинеше на железничката линија некаде во близина на Салцбург, оваа слика ќе беше на сите европски телевизии, со денови, ама бидејќи загина кај Шид, на станицата што ги поврзува Белград и Загреб, сликата не беше ни на една европска телевизија. Претпоставувам дека се подразбира дека на железничките станици на Балканот треба да гинат девојчиња кои се уште поисточно од Балканот, за европските железнички станици да останат заштитени од ваквите вознемирување.
И оваа метафора нè носи до последната дилема кога станува збор за документот за проширувањето на ЕУ – во кој се наведува на две места, „европскиот интерес“ за влез во земјите од Балканот, соработка во надминувањето на мигрантска криза. Оние од минатото и оние во иднината.
Значи, ако Балканот е вид на европски „собирен центар“, место каде што мигрантите од Азија и Африка треба да се сопрат, или простор во кој треба да се вратат, тогаш дали е од пресудно значење земјите од тој „собирен центар” да бидат баш демократски?
Имено, ако целта на Балканот е да биде гранична тврдина во југоисточниот дел на Европа, ако судбината на овој регион е да биде полувоен камп, тогаш на земјите во тие области како лидери не им требаат ренесансни хуманисти туку воени команданти.
Заклучувајќи го овој коментар, не можеме да не приметиме, по трет пат, дека впечатокот е дека вистинските намери на европските политичари во однос на Балканот може да го утврди само нивната пракса, а не и логосот.
Во овој документ, оваа практика сè уште не е дефинирана на недвосмислен начин. Ако Европа навистина има намера земјите од Западен Балкан да ги интегрираат целосно и неповратно во своите вредности, економски, културни, транспортни, енергетски и сите други системи, таа ќе го направи потребните напори пред тоа трајно да ги реформира балканските општества, во тие општества да ги изгради контурите на модерна земја, уништени со национал-популистичкиот бран, неповратно да го смени карактерот на политичките елити, а со тоа и да го заштити овој простор од понатамошно влијание на Русија, Кина, а особено Турција – земја која денес е без сомнение најголем фактор на ризик за целиот европски континент.
Сето ова Европа, се разбира, не може да го направи таа самата, ама пак овие општества, сами, сиромашни и безнадежно поделени, не можат да го направат тоа.
Од друга страна, ако хоризонтот на Европа е потесен и нејзините цели пониски, ако е потребно само да се пополни останатиот дел од мандатот на една прилично промашена европска политичка гарнитура, да се покаже на американската дипломатија дека еве, нешто се работи, да се имаат теми за нови самити и конференции за печат и да се најде институционална рамка за нови функционери испратени во регионот – ако амбициите на овој документ завршуваат на тоа – тогаш ништо нема да се промени, повторно.
Ќе се потрошат уште една милијарда или две, уште година или две, европските посетители ќе се сликаат со регионалните лидери за кои ѝ самите знаат дека се веќе длабоко под американски истраги, а кредибилитетот на Европската унија неизбежно ќе продолжи да опаѓа на Балканот.
Помладите и пообразовани делови на балканските општества искрено ќе ја мразат поради неискреноста , а во исто време ќе се обидуваат да се доселат во неа, постарите и поконзервативните ќе ѝ се потсмеваат и ќе останат заробени во својот таблоиден свет на псеудоисториски бесмислици и фантасмагориски соништа, во најдобриот од световите што ги знаат. Бидејќи никој друг не стигнале да запознаат.
Подготви: А.Ј.