Вкупно 907 хектари државно земјоделско земјиште поделени на 10 блокови се даваат под закуп со новиот оглас за „Џумајлија“ објавен денеска во Службен весник.
Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, десетте блокови се дел од третата географска целина од вкупно четирите со кои порано располагаше комбинатот, а може да се конкурира за над три хектари површина.
– Наредните 60 дена ќе се спроведува постапката. Затоа ги мотивираме сите заинтересирани за земјоделското производство да се обратат во Министерството и да ги добијат потребните информации, како и да конкурираат. За разлика од претходните огласи, кога за географските целини се бараше конкретен износ и рок за инвестицијата, сега за овие 10 блока согласно Законот за земјоделско земјиште, не постои услов да се поднесуваат инвестиции со соодветен рок – изјави министерот Николовски кој беше во село Сарамзалино, општина Лозово, и оттаму ги соопшти деталите за огласот.
За четвртата целина, дополни, ќе се објави оглас за до три хектари, односно, вкупно ќе бидат огласени околу 600 хектари, со цел и помалите земјоделци од овој регион да дојдат до парче земја.
Според градоначалникот на Лозово Ацо Велковски, со овој оглас за создаваат можности за регионален развој, бидејќи ќе има инвестиции со што ќе се отворат нови работни места.
Намената за која се дава земјоделското земјиште е подигање долгодишни насади со лозје, овоштарници и хмељ, оранжерии, долгодишни насади со лешник, маслинарници, ливади, рибници, спортско-рекреативни активности и рурален туризам и одгледување на други земјоделски култури.
Министерот Николовски реќе дека МЗШВ и Владата спроведуваат системски политики за максимална искористеност на обработливото земјоделско земјиште и објавување огласи, што ќе придонесе за зголемување на производството и земјата да дојде во рацете на вистинските земјоделци.
– Лоциравме 11.000 хектари слободна земјоделска површина, поделена во блокови која следните месеци ќе биде објавена исто во огласи за до и над три хектари. Мотивиравме во овој период домашни и странски компании заинтересирани за изградба на нови производни капацитети, за зголемување на вкупното производство и за инвестиции во агросекторот. Мапиравме соодветни локации за откупно-дистрибутивни центри што ќе бидат понудени на заинтересираните компании за изградба на нови производни капацитети – напомена Николовски.
Воедно најави дека на собраниската седница на втори мај се измените на Законот за консолидација на земјоделско земјиште кои се важни за окрупнување на земјоделското земјиште.
– Годинава почнува постапката за окрупнување на 17.400 парцели на околу 4.500 хектари во 12 избрани локации. Дел од мерките во делот на земјишната политика се донесената методологија и закон за продажба на земјиштето во државна сопственост под оранжерии и објекти во функција на земјоделско производство, за што овој месец ќе биде објавен и јавен повик, со што ќе им се овозможи полесно аплицирање за ИПАРД Програмите – рече министерот Николовски.