КИФ: Коронавирусот ќе ја парализира и економијата

Падот на економските активности во Европа се планирани на 3,4 отсто, а тоа, според бизнисот, ќе се одрази на сите национални економии.

287

Ако не се справиме со коронавирусот, несогледливи ќе бидат последиците по бизнисот, а може да дојде и до парализа на целокупната економија. Коронавирусот не е само прашање на здравството, туку и на владеење на правото, на политиката, инфраструктурата, сообраќајот, легислативата, бирократизацијата, порачаа денеска претседателите на стопанските комори на Македонија, Албанија, Косово, БиХ, Црна Гора и Србија.

Тие денеска на седницата на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), истакнаа дека штетите се веќе евидентни. Ситуацијата постојано се следи. Особено загрижува проширувањето на вирусот во земјите – партнери со оглед дека околу 80 отсто од извозот оди во ЕУ.

Падот на економските активности во Европа се планирани на 3,4 отсто, а тоа, според бизнисот, ќе се одрази на сите национални економии.

– Економијата е подложна на удари од страна, од сите сегменти на општеството, Тоа е мерливо и се одразува директно врз платниот биланс на компаниите. Се ова што го работиме ќе биде помножено со нула ако не сме во состојба да ги регулираме и другите односи со кои се соочуваме секој ден: заштита на животната средина, инфраструктура, владеење на правото, рече претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Според претседателот на Стопанската комора на Црна Гора, Властимир Голубовиќ, откажани се влезовите на крузерите, но хотелските аранжмани за летово не се откажуваат.

– Ако не се справиме со коронавирусот, последиците ќе бидат несогледливи. Кај нас, за среќа, се уште е позитивно само едно лице, но економските штети веќе постојат. Откажани се влезовите на крузерите во нашите пристаништа. Годинава беа договорени влезови на 550 крузери со преку 700.000 патници. Во следниот месец нема да има влез на крузери, тоа се огромни економски штети. И влезот на други бродови е исто така рестриктивен. Се надеваме дека коронавирусот ќе го снема и дека во туристичката сезона ќе влеземе без таа опасност. Но, ако продолжи ваквата состојба, последиците не само во Црна Гора, туку секаде, и во регионот, и во Европа и воопшто, би биле несогледливи, рече Голубовиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...