Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 15-та седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На оваа седница Владата ќе ја разгледа информацијата со предлог–постапки и мерки за приближување до европската регулатива, со кои ќе се овозможи царинска контрола при увоз на нафтата и нафтените деривати.
Министерство за надворешни работи на седницата ќе ја презентира информацијата за новиот статус на Република Северна Македонија – придружена членка во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА).
На предлог на Министерство за финансии, Владата ќе се произнесе за информацијата во врска со склучување на Меморандум за соработка заради одржување на финансиска стабилност, за кој се предлага да го потпишат Народната банка на Република Северна Македонија, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Фондот за осигурување на депозити.
На денешната седница ќе биде разгледана и информацијата за спроведување на Проектот „Грантова шема за регионален развој и постигнати резултати“ што доаѓа како предлог на Министерство за локална самоуправа.
Редовната 15-та седница на Владата е предвидено да започне во 12.00 часот.