Околу 15 мај ќе почне втората фаза од изградбата на експресниот пат Прилеп-Градско и работите на овој патен правец се интензивираат, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарски при денешната посета на Прилеп, појаснувајќи до каде се работите на овој патен правец.
– На патниот правец Прилеп-Градско работата е интензивирана. Во јуни лани беа закочени активностите поради одредени решенија, посебно кај Дреновската (фаришката) клисура беа во многу лоша состојба и сега работата е динамизирана. Во делот на патот Дреново-Градско по 15 мај почнува изградбата на таа делница. Оваа фаза треба да заврши до крајот на 2019 година – рече Сугарески.
Овој патен правец со вкупна должина од над 33 километри се гради во три фази од 2016 година и вкупно чини преку 60 милиони евра. Првата фаза која заврши, опфаќа десет километри на потегот од Фариш-Дреново. Чини 31,8 милиони евра, пари од Европската банка. Втората фаза која сега почнува и ќе трае 24 месеци е во должина од 16 километри на потегот од Градско-Дреново и чини 23 милиони евра од ИПА-фондовите. И третата фаза е со пари од ИПА фондовите во висина од пет милиони евра, во должина од 7,5 километри, а ги опфаќа делниците: Прилеп-мост Ленишка река и третата лента од селото Беловодица до Каменоломот.